Министерството за земјоделство ги спроведе ЕУ препораките од ланскиот Извештај за состојбите во аграрот

Дата на објава: 
7 Септември 2010
Minister-Naumovski 029.jpg

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во изминатиот период реализира најголем дел од мерките за прилагодување на македонската аграрна легислатива со европската. Од вкупно изготвените шест законски решенија согласно ЕУ препораките, донесени се три, за рибарство и аквакултура, за земјоделство и рурален развој и за вино, во собраниска процедура се две, за квалитет на земјоделски производи и за безбедност на храна на животни, а едно, за безбедност на храна, е на разгледување во Владата.

 

Ова денеска ресорниот министер Љупчо Димовски му го соопшти на вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски.

 

- Констатиравме дека се веќе преземени потребните мерки за најголем дел од препораките нотирани во ланскиот извештај од Европската комисија. Повеќето се од областа безбедност на храна и рурален развој, изјави Наумовски по средбата.

 

Заедно со подзаконскикте акти и законите донесени во овој период, напомена, Министерството за земјоделство прилагоди вкупно 208 ЕУ мерки, регулативи, директиви и одлуки што е добар показател за степенот на усогласеност во фазата во која се наоѓа Македонија.

 

Донесувањето на законот за безбедност на храна ќе ги расчисти сите досегашни недоречености околу преклопувањето на ингеренциите на министерствата за земјоделство и за здравство во оваа сфера. - Една од целите на овој закон е да се поделат надлежностите на двете институции. Тоа беше и една од забелешките во последниот Извештајот од Европската комисија, рече вицепремиерот.

 

Министерот Димовски најави дека за што е можно покус рок до Владата ќе бидат доставени и измените на Законот за земјоделско земјиште кои значително ќе ја олеснат постапката за добивање имотните листови преку локалната самоуправа.

 

- Ќе успееме благовремено да го доставиме законот и до Собранието. Изготвеното решение ќе го олесни добивањето документација за земјоделците кои имаат потреба и желба да аплицираат за финасика поддршка, а чии барања главно се однесуваат на објекти во руралните средини, истакна Димовски.

 

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот рече дека субвенциите за тутунот се целосно исплатени, а во тек е реализација и на поддршката за млекото. Пред објавувањето на есенскиот Извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија, Наумовски ќе има уште една средба со Димовски во врска со ЕУ активностите на Министерството.