По два денара за килограм грозје ќе добијат винарите ако откупат иста количина како лани

Дата на објава: 
25 Август 2010
image1.jsp.jpg

По два денара субвенција ќе добијат сите преработувачи што ќе откупат приближно иста количина грозје како лани или поточно, доколу откупат минимум 65 отсто од лани откупената количина. Вака одлучи Владата по двонеделни интензивини анализи, разговори и консултации со сите засегнати страни.

 

За да ја добијат поддршката, откупувачите ќе мора претходно да го исплатат грозјето откупено минатата година.

- Во винарските визби постојат реалтивно големи залихи вино од минатата година. Со тоа се отежнува годинашниот откуп. Оттука, оваа мерка е насочена кон откупувачите, но индиректно ќе влијае и врз производителите, рече денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Идејата поддршката да изнесува два денара базира на пресметката согласно која за производство на литар вино се потребни 1,3 килограми грозје. Целта е, истакна Пешевски, нашето вино да стане за 4 до 5 евроценти поконкурентно за извоз на надворешниот пазар.

Владата, додаде, ги задолжи сите амбасади и економски промотори на Македонија во странство најдоцна до крајот на овој месец да ги посетат најголемите пет до седум винарски визби во односните земји со цел презентација на македонското вино, остварување директни контакти и евентуално договорање пласман.

Останува отворена опцијата за реализирање уште еден вид поддршка во лозарството - еден до два денара субвенција за секој извезен литар вино во шише.
- За ова допрва ќе се одлучува. Конечниот став се уште не е заземен, нагласи вицепремиерот.

Лани во Македонија беа откупени 150 милиони килограми грозје. Согласно владината мерка, проценките се дека и годинава ќе биде преземена исто толкава количина.

Со оглед дека најголем дел од визбите се уште го немаат исплатено ланското грозје, се очекува субвенциите да бидат реализирани кон крајот на годинава.