Истекува рокот за аплицирање за субвенции за кравјо млеко предадено во млекарниците во период од јануари до април

Дата на објава: 
23 Јули 2010

3а една недела, односно на 31 јули истекува продолжениот рок за поднесување на барање за субвенција од 2,5 денари за литар кравјо млеко за сточарите кои во период од 1 јануари до 31 април го предале млекото во преработувачките капацитети запишани во Регистарот на одобрени објекти за производство на храна  од животинско потекло. Пријавувањето за субвенции за млекото кое е продадено во млекарниците во период од 1 мај до 30 септември, ќе се врши од 5 октомври до 5 ноември.

 

До крајот на август земјоделските производители преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе можат да аплицираат и за финаниска поддршка за извршени агрохемиски и педолошки анализи на почва во 2010 година, како и за надомест за осигурување на примарно земјоделско производство од основни ризици. Со мерката за осигурување, државата субвенционира 60 проценти од полисата за осигурување  на посеви и насади од дефицитарни земјоделски култури, со максимални површини по корисник.

 

Оваа мерка се однесува за максимално осигурени 5 хектари лозови насади, 2 хектари градинарски култури, до 1 хектар тутун и 10 хектари житни култури.

 

До 15 ноември за субевнции ќе можат да аплицираат и сточарите за обележани грла овци и кози. Во тек е и аплицирањето за субвенции за кои рокот за поднесување на барање  истекува на 1 декември, а се однесува на компензација на производствените трошоци по заштитен производ од растително и од животинско потекло, за корисниците на заштитен географски назив,  за производство на суровина за земјоделски прехранбен производ  со заштитен географски назив, како и за изработка на елаборат за заштита на географскиот назив на одделни земјоделски производи и преработки.

 

Во тек е и пријавувањето за финансиска поддршка за  контрола и сертификација  за заштита на географски назив на одделни земјоделски  производи и преработки и за запишување во меѓународен регистар за заштита на географскиот назив.

 

До 1 декември заинтересираните ќе може да аплицираат и за субвенции за спроведување на кампања за промоција на земјоделско-прехранбените производи со заштитен географски назив на домашниот и на странските пазари, за етикетирање и обележување на производи со заштитен географски назив и традиционален рецепт.

 

На 1 декамври истекува и рокот за поднесување барања за  компензација на дел од трошците за лабораториски анализи и сертификација при спроведување стандарди за безбедност во примарното производство и за надомест на трошоци за регистрирање индивидуални земјоделци во 2010 година, земјоделци осигуреници во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за трговските друштва со претежна дејност примарно земјоделско производство.