Работилница за заштитата на називите на земјоделските производи

Дата на објава: 
3 Март 2010
Rabotilnica i Gostivar rabota na teren 010.jpg

Со вкупно 20 милиони денари министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство годинава ја поддржува заштитата на називите на земјоделските производи. Целта е домашните субјетки да се ориентираат кон заштитата на производството што освен поголема цена, значи и сигурен пласман не само на македонскиот, туку и на надворешните пазари.

 

Ова беше истакнато на денешната работилница во Министерсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Производителите што произведуваат суровина за заштитен производ или произведуваат заштитен производ, како што се тетовскиот грав, кочанскиот ориз, добиваат по 0,5 денари за килограм или литар дополнителна поддршка од вообичаената. Преработувачите, пак, што го имаат заштитено производот со назив во првата година добиваат по максиум 300.000 денари, а во натамошните до 150.000 денари. Ова е голем стимул за тие конечно да се ориенитраат кон заштитата, односно кон користењето на веќе заштитените производи така што ќе обезбедат повисока цена и полесна продажба, изјави заменик-министерот за земјоделство Перица Иваноски. Министерството, додаде Иваноски, покрива 70 отсто од трошоците за кампањата за маркетинг на заштитените производи, како и за трошоците за правање соодветно лого.

 

- Мерките за поддршка се конципирани на начин кој ќе ги мотивира корисниците на заштитените производи да направат осмислена медиумска кампања за промоција кај потрошувачите со цел зголемување на цената и продажбата, односно обезбедување поголем приход, рече Иваноски, оценувајќи дека од околу 40-те со назив заштитени земјоделски производи во Македонија, десетина имаат можност да го освојат домашниот, но и европските пазари.

 

Ана Дамовска, експерт од оваа област и учесник на работилницата, порача дека земјоделските производи со соодветна унифицирана ознака се препознатливи за европските потрошувачи. Во развиените земји, за заштита на производите може да аплицираат единствено групи на производители, а не поединци, државата или Владата. Секој земјоделец поединечно се проверува дали работи согласно спецификацијата, на тој начин ја добива, но и така му се одзема. Ако се утврди дека не ги почитува пропишаните критериуми, му се одзема правото на користење на заштитниот знак само нему, не на целото здружение.

 

Најголем број заштитени производи имаат Италија и Франција.

- Во ЕУ постои еден знак за заштитените производи што потрошувачите го препознаваат. Кога ќе го видат, јасно им е  дека станува збор за контролиран, сигурен и квалитетен производ што е голема придобивка. Се поголем број земји се трудат да заштитат повеќе свои производи, рече Дамовска.

 

Во Македонија заштитата на производите, независно дали се примарни или преработки, се уште е под ингеренција на Државниот завод за индустриска сопственост додека во Хрватска на пример, за тоа е задолженоМинистерството за земјоделство.Оваа област ќе се регулира во новиот Закон за квалитет кој наскоро треба да влезе во владина процедура.