Јаболкопроизводителите од Ресен задоволни од средбата со министерот Димовски

Дата на објава: 
25 Февруари 2010

Продолжија работните средби  на министерот Љупчо Димовски со производителите на јаболка од Преспа. По денешната средба, овоштарите  изразија задоволство од решенијата кои што беа понудени од страна на ресорното Министерство за земјоделство за  решавање на проблемот со пласманот со јаболкото, односно со измената на Програмата за субвенционирање за годинава. Во неа, како што и беше побарано од страна на земјоделците зголемен е износот на поддршката за оваа категорија овоштари. Со нејзината пренамена тие наместо 18, за одршување на насадите ќе добијат по 42.700 денари за хектар.

 

На средбата се разговараше и за техничките детали како ќе се реализира исплатата на субвенциите со оглед на тоа дека можеби на производителите ќе им биде потребно повеќе време за обезбедување на соодветната документација за аплицирање.

 

Јаболкопроизводителите дадоа поддршка и на владиниот проект за изградба на откупно - дистрибутивен центар за јаболка во Ресен.

Во рамки на посетата, по состанокот, министерот Димовски посети еден од откупните центри  за  извоз на јаболко. Откупувачите го информираа дека динамиката на пласман на нашето јаболко на странските пазари е одлична, а се реализира со повисоки откупни цени, кои изнесуваат 11 денари за килограм.

 

Денеска во Ресен, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за производителите, се одржа презентација  на најсовремените методи за одгледување на овошје од страна на словенечкиот експерт, проф.д-р Франци Штампар.