Министерот Димовски ги посети поплавените земјоделски подрачја во Пелагонија

Дата на објава: 
16 Февруари 2010

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, придружуван од градоначалниците на Новаци и Могила, Лазар Котевски и Славко Велевски, како и генералниот директор на ЗК„Пелагонија“, Ристо Бошевски, денеска ги посетија поплавените земјоделски подрачја во Пелагонија.

 

- Основен проблем за големите поплави е зголеменото ниво на реката Црна кое сега се наоѓа на кота 3,90 или скоро два метра над дозволеното ниво со што доаѓа до прелевање на водата на плодните површини. Коритото е тесно, има зголемен талог и многу растенија и затоа ќе мора да се преземат конкретни чекори за чистење на речното корито, изјави министерот Димовски на денешната средба со новинарите, што се одржа во атарот на селото Новаци.

 

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потврдија дека преку Дирекцијата за заштита и спасување  е подготвена оперативна програма за чистење на реките Драгор и Црна до утоката со Вардар.

- Годинава предвидовме чистење на шест километри на т.н. „деветти канал“ кој е значаен за секундарната каналска мрежа со што ќе се придонесе за стабилизација на системот, дотолку повеќе што 20 години не е интервенирано врз реката Црна, посочи министерот Димовски и најави забрзана трансформација на водостопанското претпријатие од Битола чија основна функција е токму одржувањето на одводните канали и речни корита.

 

Градоначалниците на Новаци и Могила, Лазар Котевски и Славко Велевски информираа дека се формирани комисии за проценка на штетите и најавија дека ќе ја следат будно состојбата во најзагрозените села, Долно Агларци, Гнеотино, Лознани, Вашарејца, Трновци и други пелагониски села.