РАБОТИЛНИЦА ЗА ЛОВСТВО

Дата на објава: 
11 Февруари 2010

На иницијатива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во соработка со  Холанската агенција за развој - СНВ, денеска се одржа работилница за  функционирањето на  постојниот модел на управување со дивечот во Република Македонија. На состанокот со кој претседаваше заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски, присуствуваа и претставници од  Шумарскиот факултет од Скопје, членови на Ловечката федерација на Република Македонија, како и претставник од Јавното претпријатие ,, Македонски шуми,, од секторот ловство и ловен туризам.

 

Заменик министерот Иваноски, истакна дека  работилницата има за цел преку анализа на постоечката законска регулатива за лов, институционалната поставеност и овој сектор и политиката на Владата за негова поддршка и развој да се утврди најадекватниот систем и модел на функционирање на овој сектор во државава кој треба да овозможи во исто време економичност од управување со ловиштата и поголем фискален бенефит за државата, одржлив развој, заштита на дивечот и задоволување на потребите на граѓаните.

 

Марко Јонозовиќ од  Заводот за шуми  на Словенија, експерт за лов ангажиран преку холандската СНВ, истакна дека Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија,  немора да ја усогласува леислативата за ловство со европската затоа што и Унијата нема унифициран систем за регулирање на оваа област, односно европски Закон за ловство, туку дозволува секоја земја членка самостојно да го  уреди постапувањето  во оваа област. Тој потенцира дека исклучиво мора да се води сметка за Директивата за птици и Хабитатната директива при креирањето на закоснките решенија во оваа област.

 

Во анализата на македонскиот Закон за ловство  експертот од Словенија посебно ги потенцираше областите на постоечкиот начин на пресметка  на концесијата, големината на ловиштата, партнерството  меѓу институциите на системот и  граѓанскиот сектор, особено со ловечките здруженија, но и со науката, правата на сопствениците на земјиштето кое е дел од ловиштата и статусот на државните ловишта и националните паркови.

 

За поедноставување на процедурата на измена на веќедонесените закони од оваа област, како што посочи тој, практично е во иднина во законот за ловство да се дефинираат само општите одредници за овој сектор, а детелите да се пропишат во подзаконски акти, чија измена во пракса оди многу поедноставно и побрзо.

 

Претставниците на Ловечката федерација на Македонија посочија дека мора поточно да биде одреден бонитетот на секое ловиште поединечно, но и да се намали нивната големина, да им се деде можност на ловечките здруженија да аплицираат за добивање на државна земја под закуп за да можат да произведуваат храна за дивечот.

 

Од секторот за ловство истакнаа дека законското решение за ловство од минатата година е многу блиску до законите на голем број европски земји. Како што посочи тој, Македонија води сметка за унапредување на овој сектор, не само преку законската регулатива, туку и на терен преку зголемениот број контроли во ловиштата, како и преку планирањето и дефинирањето на ловностопанските основи. Тоа според надлежните е добра основа и гаранција дека ловството е перспективна гранка за која имаме стручен кадар и идеални климатски и географски услови за развој.

 

Врз основа на јавната дискусија и наодите од експертот Министерството во следниот период ќе ја разгледа можноста за измени и подобрување на постоечката законска и институционална поставеност во ловството.