Проект за оценка на влијание на субвенциите и ИПА поддршката во земјоделскиот сектор

Дата на објава: 
26 Јуни 2018
36189152_10156969238115628_109413510181552128_n.jpg

Денеска, во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство се одржа презентација од страна на европски експерти во секторот за земјоделство и рурален развој на тема „Проектот за оценка на влијание на субвенциите и ИПА поддршката во земјоделскиот сектор”.
Проектот е финансиран од Европска унија,а се спроведува на барање на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. Истражувањето е правено заклучно со 2016 година.
Според анализата субвенциите дале најголем ефект во сточарството, кај фармите кои одгледуваат добиток и произведуваат сточна храна, додека за другите сектори државата треба да воведе дополнителни, но и поинакви мерки.
Анализата покажала и дека податоците за обработливото земјиште од различните бази на податоци не се совпаѓаат, а некои површини и воопшто не се регистрирани.
Во периодот 2014 – 2015 година со помош на субвенциите за 20 отсто се зголемил просечниот бруто приход на фармите, но не и нивниот физичкиот обем. Генерално, оние фарми што добивале субвенции ја зголемиле продуктивноста, а имале и повисоко ниво на тековни средства. Во периодот, пак, 2009 – 2015 година, како резултат на субвенциите раст на производството е забележан кај овошјето и зеленчукот, но кај житата и индустриските култури трендот бил негативен. Исто така, е евидентиран дисбаланс во размената. Извозот бележел зголемување, но увозот растел многу побрзо.
„Ако сте земја-членка на ЕУ, поради задоцнетите плаќања би изгубиле 46 отсто од средствата за сточарството и 25 проценти за растителното производство. Толку всушност не би ви биле вратени, односно покриени со европскиот буџет“, истакна експертот од ЕУ Салваторе Карфи.
Експертите од ЕУ порачаа дека е многу важно да се подобри квалитетот на локалните производи, тие да бидат добри колку што се добри оние што се увезуваат, и да континуирано да се следи побарувачката на пазарот, за да произведува плански, а македонските производи да бидат конкурентни на домашниот пазар.
Експертите препорачуваат да се поедностават процедурите за апликација за да не се пролонгираат роковите и субвенциите да се плаќаат на време за да се искористат за реинвестиции на фармите, да се размислува за поддршка на малите земјоделци со површини под еден хектар на кои отпаѓаат речиси 60 отсто од вкупниот број во државата и да се поттикне производството согласно барањата на пазарот.
Препораките од оваа анализа се важни за креирање на идните политики за развој на македонското земјоделство. МЗШВ ќе формира работната група која што периодот што следува ќе работи на имплементација на овие препораки кои се важни за усогласување на македонското земјоделство со европската регулатива.
„Кога дојдовме во Министерството, веднаш побаравме ваква анализа. Прелиминарните резултати покажуваат дека половина од обработливото земјоделско земјиште и пасиштата не се регистрирани поради што за нив, ако бевме сега членка на ЕУ, не ќе можевме да побаруваме пари од европските. Тука треба многу да се работи. Оваа анализа не треба да стои во фиока, туку треба да резултира со формирање експертски тим и нејзино користење во наредните години“, изјави Трајан Димковски, шеф на Кабинетот на министерот за земјоделство.
Експертскиот извештај што беше презентиран денеска, ќе биде доставен и официјално во Министерството за земјоделство идната недела.