Нов систем за наводнување во валандовско, објавен јавниот повик за изведувач за Програмата Јужновардарска долина втора фаза

Дата на објава: 
21 Мај 2018
33030775_10215591874663577_8837423522562179072_n.jpg

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за изведувач за проектот за наводнување на Јужната долина на Вардар, втора фаза. Проектот предвидува изградба на водостопанска структура за пренасочување на реката Вардар, рехабилитација на водозафатот и целосно автоматизирана пумпна станица. Ќе се гради главен гравитационен цевковод со 4 препумпни станици и ќе се модернизира мрежата за наводнување.
Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ги повика сите квалификувани понудувачи да достават понуди за изведба на работите на системот за наводнување Валандово, кој е опфатен со проектот. Јавниот повик трае до 4 јули годинава.
Овој систем кој што се наоѓа во Општина Валандово покрива наводнувана површина од 2.032 хектари. Четирите пре-пумпни станици ќе обезбедат вода за1.080 хектари во долната зона и 952 хектари во горната зона. Проектот Јужно-вардарска долина е од витално значење за земјоделството во јужниот регион и со неговата реализација долгорочно и трајно ќе се реши проблемот со обезбедување на вода за наводнување во овој регион.
„Проектот е од витално значење за македонското земјоделство, чија што основна цел е да ги подобри условите за живот на население во јужната долина на реката Вардар. Преку оддржливо управување со водните ресурси, ќе придонесеме кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури. Бенефит ќе имаат 1300 домаќинства или 4500 граѓани кои живеат во атарот на селата Удово, Јосифово и Пирава.Изградбата на новиот систем за наводнување ќе обезбеди континуирано снабдување со вода за наводнување 24 часа, 365 дена во годината, со што ќе се создадат услови за обработување на сите расположиви земјоделски површини во ова подрачје“, изјави министерот Николовски.
Постојниот систем за наводнување е во многу лоша состојба и не испорачува вода во повисоките зони. Во пониските зони пак, испорачува вода само 2 месеци во годината.Проектот вклучува и градежни работи на шахти и главни хидранти за наводнување, како и реконструкција на Пумпната станица Страиште на крајот на главниот цевковод.
Проектот се финансира со 70% од средствата на Владата на Сојузна Република Германија, преку развојната германска банка „KfW“, и со 30% од средствата од Владата на Република Македонија. За реализација на оваа втора фаза германската банка „KfW“ во декември минатата година на МЗШВ му одобри дополнителни финансиски средства во износ 4 милиони евра во форма на грант.Изведбата на градежните работи се очекува да започне во средината на септември и ќе трае 21 месец. Тендерот ќе се спроведува преку постапка за Меѓународен Отворен Повик според уптаствата на „KfW“.
Министерот Николовски посочи дека проектот за наводнување на Јужната долина на Вардар е само еден од капиталните проекти за современи системи за наводнување и зголемување на површините кои се наводнуваат, и дека интензивно се работи на реализација на низа проекти за изградбна на нови и реконструкција на постоечките системи за наводнување, со единствена цел да се зголемат наводнуваните површини, што ќе има позитивен ефект врз зголемување на земјоделкото производство.