Што и колку ќе се финансира во растителното земјоделско производство

Дата на објава: 
28 Јануари 2010

Од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството  за 2010 година за растителното производство, се одвоени околу 2,9 милијарди денари. Ова се најголемиот дел од парите предвидени за  поддршка на аграрот од  5,3 милијарди денари или околу 100 милиони евра за субвенции во земјоделството и во руралниот развој.

По 8 илјади денари за хектар ќе добијат земјоделците за производство на житните култури за најмалку 3 декари од секоја култура одделно. Висината на поддршката се редуцира во зависност од големината на засеаните површини. Стопроцентна исплата на  субвенциите ќе добијат производителите кои имаат засејано до 20 хектари. Дополнителна финансиска поддршка  од 2 илјади и 500 денари за хектар ќе добијат прозводителите кои употребиле сертифициран семенски материјал.

За минимум засејани 2 декари со градинарски култури на отворено, предвидени се субвенции од 20 илјади денари за хектар, а 80 илјади денари за хектар за пластеничко и оранжериско производство на домати, пиперки, краставици и режано цвеќе. Основен услов за да се добие субвенција е градинарите да имаат најмалку 2 декари под пластеници или оранжерии и до 31 октомври да имаат евидентирано произведена и продадена количина градинарски производи на домашниот или на странските пазари.        За секој килограм градинарски култури предаден во преработувачките капацитети најдоцна до 31 октомври годинава, врз основа на склучен договор, производителите ќе добијат по 1,50 денари .

За одржување на старите лозови насади евидентирани во лозовиот катастар лозарите ќе имаат право на 40 илјади денари за хектар. За овие производители важи принципот на редуцирање на  висината на поддршката со зголемување на пријавената производствена површина. Минималната површина што ќе се поддржува е 2 декари.

Осумнаесет илјади денари за хектар изнесува финансиската поддршка за одржување на постојните овошни насади. И за оваа категорија производители важи редуцираниот принцип на исплата. Минимум производствена површина со која треба да располагаат за да добијат субвенција е 3 декари. Основен критериум за субвенционирање на оваа категорија производители е прифатливиот број  садници по хектар.

Субвенцијата за поддигање на нови лозови насади евидентирани во лозовиот  катастар најдoцна до крајот на ноември, за хектар ќе изнесува 140 илјади денари. Услов за  исплата е земјоделецот да достави доказ за извршена агрохемиска анализа и во периодот есен 2009 - пролет 2010 година да располага со најмалку  2 декари лозје. Производителот кој го подига насадот мора да води сметка сортите да бидат во согласност со листата на одобрени и препорачани сорти, а  посадочниот материјал да биде сертифициран.

За нови овошни насади, поддршката изнесува 90 илјади денари за хектар,со истите услови за исплата на субвенции како и за поддигање на нови плантажи со лозје.

Годинава, тутунарите ќе добијат субвенија од  60 денари за килограм произведен и предаден, оринетален, полуоринетален и ароматичен тутун од реколтата 2009 година.

Програмата предвидува субвенционирање и на  производството на  сертифициран семенски материјал за житни, индустриски култури (освен за тутун) и за градинарски култури. За оваа мерка Министерството за земјоделство од буџетот одвои по 14 илјади денари за хактар.

По 15 денари за калем, односно за садница,  ќе добијат и регистрираните производители на лозови калеми и овошни садници. За производство и доработка на сертифицирано тутунско семе регистрираните производители годинава ќе добијат по 60 илјади денари за хектар. Со Програмата за финансиска поддршка Министерството за земјоделство ги кофинансира и трошоците за  извршени агрохемиски и педолошки анализи на почвата и тоа во висина од 70 проценти, но, не повеќе од 9 илјади денари по барател.

Критериумите за  остварување на право на финансиска поддршка во областа на растителното производство се намалуваат за 50 проценти ако  производствените подрачја се наоѓаат во подрачја со отежнати услови за производство. На семејните земјоделски стопанства со овие региони нема да им се редуцира поддршката во однос на  големината на пријавената површина.

Зголемување за 15 % на субвенциите ќе имаат земјоделците од регион со отежнати услови за производство,  10 за млади земјоделци и жените фармери носители на земјоделско стопанство, а 5 проценти поголем износ за субвенции предвидени се и за регистрираните земјоделци  согласно Законот за вршење на земјоделска дејност и за самостојните осигурениците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Барањата за финансиска поддршка се поднесуваат во подрачните единици на Министерството за земјоделство и тоа по завршувањето на  сеидбата односно садењето на културите. За една производствена  површина може да се поднесе барање само за една култура.

До 31 мај,  треба да се поднесат барањата за производство на поледелски, градинарски култури (на отворено и во заштитен простор), за лозарство и за овоштарско производство.   Заклучно со крајот на август треба да се достават и барањата за  финансиска поддршка  за извршени агрохемиски и педолошки анализи на почва. Крајниот рок за аплицирање за субвенции за градинарски култури предадени во преработувачките капацитети, за производство на сертифициран семенски матријал за житни, градинарски и индустриски култури, како и за производство на лозови калеми, овошни садници и за производство и доработка на сертифицирано тутунско семе е 5 ноември.

Исплатата на средствата од оваа Програма ја врши Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на трансакциски сметки на барателите најдоцна до 25 декември, веднаш по извршените административни и контролите на терен.