Почнува користењето на ИПАРД фондовите во земјоделството

Дата на објава: 
22 Декември 2009
New Image 1.jpg

По добивањето на европската Акредитација на Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Националниот координатор за авторизација и Националниот фонд при Министерството за финансии, како и Ревизорското тело при Државниот завод за ревизија,околу 24 милиони евра им стојат на располагање на земјоделците и на преработувачите од ИПАРД програмата за рурален развој за 2010 година.

 

„Сакам да упатам порака до крајните корисници да ги користат советите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, да се советуваат со Агенцијата за поттикнување на развојот и да се консултираат со агенцијата за финансиска поддршка. Искуството што го имаме со националната програма за рурален развој ни дава за право да веруваме дека многу бргу можеме да ги добиеме првите проекти со кои ќе искористување на средствата од ИПАРД фондовите“, изјави на денешната прес-конференција во Владата на Република македонија Љупчо Димовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Годинава Македонија за прв пат самостојно ќе ги користи и управува средствата од компонентата 5 од програмата.

 

„Ова е значајно бидејки ќе се надоврзе на силните владини напори за поддршка на земјоделскиот сектор преку континуирани и историски највисоки нивоа на субвенции во земјоделството“, рече Васко Наумовски, заменик претседател на Владата и национален координатор за ИПА програмата.

 

„Користењето на ИПАРД фондовите ќе значи зголемување на конкурентноста на македонските компании на регионално и на европско ниво, зајакнување на капацитетите на фармите, земјоделските фирми и фирмите од преработувачката индустрија“, изјави Владимир Пешевски, заменик претседател на Владата задолжен за економски систем.

 

,,Во среда ќе биде објавен јавен повик, на кој земјоделците ќе можат да конкурираат со свои проекти за искористување на средствата.Очекуваме првите договори за искористување на средствата да бидат склучени во текот на мај - јуни 2010 година кои што се однесуваат за три мерки: за инвестиции на земјоделски стопанства, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските производи, како и мерката  диверзификација и развој на руралните активности, а со цел достигнување на европските стандарди“, изјави Тони Димовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.