Македонија доби ИПАРД акредитација од Брисел

Дата на објава: 
18 Декември 2009

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од страна на Андерс Егонсон, главен ревизор на Европската комисија за спроведување на ИПАРД Програмата, беше информирано дека Директоратот за земјоделство и рурален развој  при Европската комисија, ја усвои одлуката со која ја акредитира Агенцијата за финансиска подрршка на земјоделството и руралниот развој за  целосно децентрализирано управување со ЕУ Фондовите од ИПА Компонентата 5 за рурален развој.


Европска акредитација добија Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Националниот координатор за авторизација и Националниот фонд при Министерството за финансии, како и Ревизорското тело при Државниот завод за ревизија.


Во изминатиов период, Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, вложија огромни напори за формирање на овие ИПАРД структури  кои од страна на ревизорскиот тим на Европската комисија беа оценети како мошне успешни. За многу кус период ИПАРД структурите беа екипирани и обучени за успешно спроведување на задачите дадени со Регулативата за спроведување на ИПА помошта. Ова беше услов за добивање на акредитација, која како приоритетна задача беше поставена од страна на Министерството за земјоделство.


Со доделувањето на акредитацијата, Европската комисија и оддаде признание на Владата на Република Македонија за направениот напор за воспоставување на структурите за целосно децентрализирано управување со  ИПА помошта. Согласно Оперативната програма за рурален развој од 2007-2012 година,  Македонија има на располагање 62,5 милиони евра од ИПАРД. Владата ќе обезбеди дополнително учество од 25 отсто како задолжително национално кофинансирање.


Целта на ИПАРД Програмата е да се подобри конкурентноста на земјоделското производство, прехранбениот сектор и квалитетот на животот во руралните средини преку нивно усогласување со ЕУ стандардите. Приоритет е и постигнување одржлива животна средина и социо-економски развој во руралните средини.


Проектите што ќе бидат финансирани со ИПАРД програмата се однесуваат на инвестиции во земјоделските стопанства за нивно преструктуирање и надградба, преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и диверзификација и развој на рурални економски активности, согласно стандардите на ЕУ.


По објавувањето на одлуката за акредитацијата во службен весник на ЕУ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е подготвено веднаш да  го објави првиот оглас за трите мерки од ИПАРД Програмата.