Агросоветот задоволен од распределбата на субвенциите за идната година

Дата на објава: 
10 Декември 2009

За 2010 година се планирани околу 100 милиони евра финансиски средства за поддршка во земјоделството што претставува зголемување за околу 46 отсто во однос на 2009 година кога субвенциите изнесуваа 70 милиони евра.Од вкупните средства за директни плаќања се обезбедени околу 90 милиони евра, додека за мерките за рурален развој 10 милиони евра.

 

Ова се предвидува во Предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството за идината година  што денеска ја разгледуваше Агросоветот.

 

Најголем дел, односно 66 отсто од 90-те милиони евра субвенции се наменети за поддршка на растителното производство, додека за сточарското производство се планирани 31 процент.

 

Гледано по култури, најголем процент, односно 1,5 милијарди денари се планираат за плаќање на обработлива полјоделска култура, 1,2 милијарди денари за тутунското производство, една милијарда денари за овошните и лозовите култури, 770 милиони денари за говедарство, 680 милиони денари за овчарството и.т.н.

 

- Политиката за поддршка на земјоделството, која претставува прв столб на заедничката земјоделска политика на ЕУ, е финансирана од националните фондови, Мерките за директните плаќања или директни субвенции претставуваат основен инструмент на националната политика за поддршка на земјоделството, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната седница на Агросоветот.

 

Во овогодишната програма за финансиска поддршка во земјоделството воведени се одредени измени во однос на минатогодишната програма. Во делот на полјоделските култури се врши зголемување на опфатот на културите што ќе бидат поддржани со еден ист износ по единица култура, додека во делот на градинарските култури се воведува нова мерка, односно исплата на предаден и откупен килограм градинарски производ во преработувачки капацитети по склучен договор. Кај лозовите насади има поддршка по хектар за разлика од овогодинешната поддршка која беше комбинирана (по килограм и по хектар).

За првпат се воведува поддршка по површина на овошни насади, а во сточарското производство нема поголеми измени освен во делот на поддршката кај говедата каде нема разлика меѓу расните грла и бушите како што беше годинава со цел да се поедностави имплементацијата на мерката.

 

- Останува онаа разлика во износ која ќе ја земат расните грла преку поддршката за млеко која останува како што беше и годинава. Тука е разликата која ќе ја земат расните грла кои имаат поголем принос, појасни заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Перица Ивановски.

 

Земјоделските здруженија,стопанските комори и науката кои се членови на агросоветот,главно се задоволни со Предлог-програмата за финансиска поддршка за идината година.