Во 2008, реализирани 12 проекти за органско производство

Дата на објава: 
3 Декември 2009

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска изврши промоција на 12 проекти од областа на органското производство кои се реализираа во 2008 година со финансиска поддршка од Министерството. За нив од буџетот се издвоени околу четири милиони денари.

 

Потенцијалите на Македонија за развој на органското земјоделство треба да бидат максимално искористени, пред се, преку воспоставување систем за управување со фарми и прозиводство на храна со примена на еколошките практики, рече Оливера Бичиклиски од Одделението за органско производство при МЗШВ.

 

Според неа, секоја година бројот на органските производители во земјава се зголемува, а пораст бележат и површините под органски култури. Прогрес особено бележи пчеларството, од  вкупно 110 пчелни семејства во 2005 година, лани се регистрирани  11.709. Континуирано се зголемува и државната поддршка.

 

Во 2005 година беа регистрирани 50 фармери и 266 хектари производна површина, а лани 226 фармери и 1.029 хектари. Субвенциите, пак, во 2005 година изнесуваа 6 милиони денари, во 2007 беа речиси двојно зголемени, на 11 милиони денари, лани се реализираа 36,5 милиои, а годинава се проектирани 50,1 милион денари.

 

Македонија во споредба со земјите од регионов за поддршка на органското производство издвојува  најмогу пари.До крајот на годината ќе се знае колку барања ќе бидат доставени за финансиската поддршка на органското производство, но извесно е дека целата сума ќе биде искористена.

 

За заокружување на поддршката, од оваа година Министерството за земјоделство  воведе нови мерки – за преработувачките капацитети и за трговците, со цел да се поттикне побарувачката на органски производи од домашно потекло, но и да се зголеми нивниот пласман на странските пазари.

 

Во насока на што поинтензивен развој на овој сектор, Министерството изготви и нов закон за органско земјоделство треба да стапи во сила од 1 јануари 2010 година.