Министерот Димовски во посета на свињарската фарма на земјоделската задруга „Единство“ во Челопек

Дата на објава: 
20 Март 2014
celopek.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска ја посети свињарската фарма на земјоделската задруга „Единство“ во Челопек за да се информира како тече откупот на вишокот свежо свинско месо.

- На последниот состанок со земјоделците и преработувачите договоривме да бидат откупени поголеми количини свежо свинско месо од домашните производители и со тоа да се надмине проблемот со пласманот на вишокот од околу 300 грла свињи или 180 до 200 тони месо, изјави министерот Димовски.

Според него, вкупниот број свињи во Македонија како резултат на владините мерки е евидентно зголемен. Радува и податокот дека околу 90 отсто од свежото свинско месо на пазарите во Македонија е од домашно производство, а истовремено е добар и откупот во преработувачките капацитети кои се извозно ориентирани.

Министерот Димовски оцени дека причина за вишокот свежо свинско месо се велигденските пости поради кои побарувачката е намалена.

- Вишокот свежо свинско месо треба да биде предупредување за производителите, следната година во периодот на постите да испланираат помала продукција, рече сопственикот на свињарската фарма на „Единство“ Веле Ристески.

Неговата фарма, додаде, нема проблем со вишок свинско месо, но е вклучена во разговорите со Министерството за надминување на состојбите.