Реакција на министерството за земјоделство на прес конференцијата на СДСМ

Дата на објава: 
16 Март 2014

Серијалот на наводно внимание на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ за земјоделските состојби продолжува. Овој пат на тема тутунопроизводство и откуп на ориенталниот тутун, реколта 2013 година.

Веројатно на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ не им позната или свесно ја премолчуваат вкупната количина на ориенталниот тутун.

Затоа за нивно подобро разбирање на проблематиката ги повторуваме вкупно 32.894.205 килограми ориентален ситно листен тутун, договорени количини помеѓу тутуно производителите и откупувачките компании. Количина која во времето на сите влади на СДСМ беше незамислива за производство, уште помалку предмет на договор.

Наместо лицемерно да се грижат за наводната преостаната количина тутун, која само ним им е позната, ги потсетуваме на нивната постојана кампања за време на откупот. спроведувана преку нивните активисти, да создаваат немир и неизвезвесност, сето на штета на непосредните производители.

Колку понеизвесно и полошо, толку подобро за СДСМ. Без трунка грижа на совест за земјоделците за кои тие толку многу посветуваат внимание.

Нечесен, дволичен и некарактерен однос кон тутуно производителите.

СДСМ дискутира за овогодишната просечна откупна цена од 154 денари за килограм тутун, без да ја наведе цената по која се откупуваше тутунот за време на нивните влади. Ги потсетуваме на цената од 60 до 70 денари за килограм тутун, исто колку што изнесува субвенцијата од 60 денари за килограм колку што Владата ја исплаќа кон тутуно производителите.

Дали можеби таканаречените стручни и загрижени во СДСМ ќе бидат задоволни и спокојни доколку по оваа цена, постигната токму од нивните влади, се откупуваше тутунот оваа година?

Но затоа реториката за „паника и стравувања на земјоделците“ на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ се повторува во надеж дека некој во тоа ќе им поверува. Патем, очигледно е дека ниту самите во СДСМ во тоа не се убедени.

Многу наивни и провидни се изјавите за „голгота“ на тутуно производителите во склучувањето на новите договори. Доколку се повикуваат на законско решение при склучување на договори истото предвидува обврски и за двете страни, произведувачи и откупувачи. Но тоа од страна на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ свесно се премолчува или едноставно им е непознато.

Прераскажувањето на најразлични конструкции и изрекувањето измислици е неуко и крајно несериозно за една политичка партија, па било да е и СДСМ.

Ги упатуваме таканаречените стручни и загрижени во СДСМ дека Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот инспекторат за земјоделство во целост постапуваат по закон, превземајќи ги сите мерки за заштита на интересите на индивидуалните земјоделски производители, односно тутуно производителите во делот на откупот и исплата на целиот произведен ориентален тутун и договарање на производството за следната реколта.

Тоа го правиме во соработа и договор со сите здруженија на тутуно производителите, не за да се задоволат потребите на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ, туку за исполнување на обврската која Владата на Република Македонија ја има кон секој македонски земјоделец.