Македонија и Хрватска ја продлабочуваат соработката во земјоделството

Дата на објава: 
15 Февруари 2014
sredba dim-jakov.jpg

Македонија и Хрватска ќе  договорат  приоритети во областа на земјоделството кои ќе бидат содржани во меморандум со кој и формално ќе биде потврдена  досегашната плодна соработка, оценија денеска на средба во Скопје министрите на двете земји, Љупчо Димовски и Тихомир Јаковина.

Македонија во својот евроитеграциски процес ќе ги користи искуствата во овој сектор од Хрватска како полноправна членка на Европската унија.

- За Република Македонија е особено значајна можноста за понатамошна соработка во делот на искористување на претпристапните фондови (ИПА) и искуствата на Хрватска во спроведувањето на мерката за техничка помош, акредитација на мерките рурален развој и Лидер како и улогата на советодавните служби во спроведување на ИПАРД, истакна министерот Димовски.

На средбата тие разговараа и за фитосанитарната политика, за водоснабдувањето и ефикасен систем за наводнување земјоделски површини, за кое министерот Димовски рече дека драгоцени ќе бидат искуствата на Хрватска при формирањето на претпријатието „Хрватски води“.

Хрватскиот министер Јаковина рече дека му честитал на својот домаќин за одличните резултати и позитивни трендови во производството на храна, извозот и обезбедување на сопствениот пазар со земјоделски производи од Македонија.

- Република Хрватска од десет години подготовки за влез во ЕУ има богато искуство во преговорите и во усоглосувањето со европското законодавство и тоа сакаме да го споделиме, не само како земја-членка на ЕУ, туку како земја-пријател и партнер на вашиот пат кон ЕУ, истакна министерот Јаковина.

Според него, надворешната трговска соработка меѓу двете земји е изедначена и дека понатаму треба да се работи на партнерски пласман на трети пазари, особено затоа што двете земји имаат заедничка традиција, историја и култура.

- Треба да имаме што повеќе заеднички вложувања. Република Хрватска веќе има значаен број инвестиции во вашата земја, но со оглед на релативно малото производство и во Македонија и во Хрватска, треба да работиме на заеднички проекти за излез на трети пазари. Треба на нашите стопанственици да им создадеме можности за поврзување,  планирање и заеднички настапи. Пазарот е отворен и либерализиран, а понудата и цената се условени од квалитетот и стандарзиацијата на квалитетот, истакна министерот Јаковина на прес-конференција по средбата.

На новинарско прашање дали исплаќањето на субвенциите е предизборно, министерот Димовски одговори дека исплатата е според строго почитување на Законот за земјоделство и рурален развој и на Изборниот законик во кој е регулиран временскиот период до кога може да се изврши плаќањето на субвенциите и на останатите финансиски трансакции кои државата е обврзана да ги реализира.Исто така, министерот Јаковина го поздрави исплаќањето на субвециите, кое е во согласност со Европската регулатива, каде ислаќањето на субвенциите е до 30 јуни и истакна дека пред неколку дена и тие ја исплатиле првата транша од субвенциите во износ од 150 милиони евра.