Работна средба на министерот Димовски со оризопроизводителите

Дата на објава: 
23 Октомври 2013
orizopro 1.jpg

На покана на градоначалникот на Општина Чешиново - Облешево министерот за земјоделство Љупчо Димовски денес одржа работна средба со претставници на оризопроизводителите од регионот, Подрачната единица на МЗШВ Кочани, Институтот за ориз - Кочани, директорот на ВС Брегалница и членови на Советот на општината.

На состанокот се отворија повеќе теми во делот на производството на ориз, а посебно внимание се посвети на актуелната состојба на оштетувањето на овогодишниот род на оризот, последица од сланата од 2-ри октомври.

На средбата се направи анализа на оштетените површини и процентот на оштетеност на оризовото зрно врз основа на Извештајот на општинската Комисија за проценка на штета.

Од страна на оризопроизводителите е побарана помош за покривање на дел од висината на констатираните штети, која би се реализирала со измена на Програмата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој за 2013 година и воведување на дополнителна мерка.

Воедно, се анализираше и процесот на откуп и движењето на висината на откупната цена на оризот и оризовата арпа, посебно за секој откупувач.

Се отворија и тековни теми во делот на водоснабдувањето и заштитните препарати.

Побарано е зголемено присуство на инспекциските органи во делот на контролата на откуп.

Истовремено,  се направи пресек на реализација на проектот за подобрување на квалитетот на оризот и ефектите од него.