Состанок на Агросовет ,,Можности што ги нудат ИПАРД фондовите,,

Дата на објава: 
27 Ноември 2009
agrosovet fotka namalena za na veb.JPG

На почетокот на состанокот на Агросоветот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека ИПАРД Програмата на Република Македонија за користење на средствата од ИПАРД фондовите е еден од основните документи за планирање на мерките за развој на земјоделството и руралниот развој целосно усогласени со мерките од заедничката земјоделска политиката на Европската Унија. ИПАРД Програмата се реализира преку сет на комплементарни мерки за надминување на недостатоците и искористување на можностите и потенцијалот на македонското земјоделство и традицијата на македонското село, а особено преку помош за постепено воведување на стандардите на Европската Унија во агро-бизнис секторот и зголемување на безбедноста на храна за домашните потрошувачи.

На укажувањата на претставниците на земјоделските здруженија и на стопанските комори дека тешко можат да ја набават потребната документација за да аплицираат за ИПАРД фондовите, од страна на Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој беше појаснето дека оваа институција е во фаза на објавување на обрасците за аплицирање, како и  на информирање на институциите на системот кои се вклучени во издавање на документите потребни за аплицирање за ИПАРД програмата, кои и каков тип на документи ќе треба да им издаваат на заинтересираните субјекти.

 

На дилемата дали капитално поврзаните фирми можат посебно да аплицираат беше одговорено дека ИПАРД Програмата е јасна и дека корисници се правни лица кои се засебни субјекти без разлика капиталот.

 

На состанокот на Агросоветот беше поставено и прашањето што со објектите кои не поседуваат градежни дозволи поради непостоење на урбанистички планови во руралните средини. Овој проблем, беше кажано, ќе се решава од страна на општините кои на неодамна одржаниот состанок со Телото за управување со ИПАРД информирале дека постапката околу легализаијата на објектите трае дваесеттина дена.

За успешно искористување на европските претпристапни фондови неопходна е соработка меѓу непосредните производители, нивните здруженија, асоцијации, коморите и науката, рече деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски. Како што истакна тој, при изготвувањето на ИПАРД Програмата направена е длабока анализа на македонското земјоделство, а вгаредни се и сериозни проучувања на потсекторите и консултации со странски експерти пред нејзиното донесување. Според него, целта била да го отвориме процесот за што повеќе апликации, за да се  искористат сите капацитети.

Крупните земјоделски стопанства додаде тој, треба да ги повлечат малите за постигнување на потребните ЕУ стандарди.

 

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој информираа дека заинтересираните субјекти за ИПАРД програмата ќе можат да аплицираат електронски и со  рачно пополнување на апликацијата. За оние кои ќе се решат за мануелно аплицирање, Агенциајта ќе им излезе во пресрет и електронски ќе ја подготви нивната пријава.

 

Македонија согласно ИПАРД Програмата за периодот 2007 – 2011 година има на располагање 60,7 милиони евра. На првиот оглас кој ќе се објави идниот месец, ќе се аплицира за 23 милиони евра, а до крајот на 2010 година, вкупно за 41 милион евра.

Од  парите  од предпристапните фондови, европските пари  се  45,5 милиони евра, 15,2 милиона се од буџетот на Република Македонија.