Заменик-министерот за земјоделство Коњановски вети помош за земјоделците од Лозово

Дата на објава: 
9 Мај 2012

Заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски говорејќи на синоќешната трибина на Владата во Лозово вети дека Владата ќе направи се да се реши проблемот со Комбинатот „Џумајлија‘‘, како и дека и натаму ќе им помага на земјоделците полесно да ја остваруват својата дејност.

- Ние во изминатите десетина дена се заложивме и во Комбинатот „Џумајлија‘‘ се воведе стечајна постапка, со цел преку институциите на системот да се заштити имотот. Тоа беше и единственото барање на дел од вработените кои неколкупати доаѓаа во Министерството. Таму поставивме и стечајна  управничка. Она што е најважно е дека донесовме времена мерка забрана за располагање со имотот од страна на сопствениците на „Џумајлија“ и забрана за правосилна наплата со извршители, рече на трибината Коњановски.

Според него, стечајниот управник потврдил дека ќе бара ревизија на сите досега извршени трансакции  преку извршителите.

- Ние нема да ве оставиме сами да се борите со овие проблеми, бидејќи Комбинатот „Џумајлија‘‘ значи живот за сите вас тука. Ние ќе направиме се таа земја да роди нови работни места и нов развој на цел овој регион. Формиравме работен тим од претставници на факултетите за земјоделство од Скопје и Штип, од Министерството за земјоделство и од катастар кои потоа ќе требаат да одредат како да се распределат овие пет илјади хектари површина на Комбинатот „Џумајлија. Кога Владата ќе заземе и став, ние ќе објавиме  и оглас и ќе одредиме концесионер кој треба домаќински да ја раководи земјата. Тоа значи од секој квадрат земја да извадиме што  е можно повеќе профит, добри земјоделски производи и што е најважно  да се отварат нови работни емста за сите жители од овој регион‘, потенцира Коњановски.

Во врска со субвенциите во земјоделството заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцира дека во 2008, 2009 и 2010 година во овој регион биле доделени 11 милиони евра субвенции за земјоделците.

- Оваа година околу 50 проценти од субвенциите се веќе исплатени. Изминатата недела околу 70 милиони денари веќе  се исплатени субвенции за земјоделците од овој регион, се со цел тие да можат да ги извршуваат сите подготовки на земјата, за да добијат квалитетен производ, рече Коњаноски.

Тој потсети дека на нивно барање пред два месеца во Лозово била формирана земјоделска задруга на која и се доделени 150 хектари земјоделско земјиште. Задругата имала обврска да ги собере тутунарите од овој регион за тие да садат тутун на легален начин со договори. Коњановски апелира земјоделското земјиште од задругата да не се реизидава бидејќи, како што рече, ќе следат санкции за прекршителите, бидејќи земјиштето во задругата е исклучиво за кооперантите и членовите  на земјоделската задруга.

извор