Почна реализацијата на проектот за адаптација на македонското земјоделство кон климатските промени

Дата на објава: 
3 Мај 2012
usaid-mrr 1.jpg

Со цел да се подигне свеста кај земјоделците за идните предизвици кои ги носат климатските промени, но и да се промовираат земјоделски практики за справување со нив, Мрежата за рурален развој од денеска, со поддршка  на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), почна со реализација на тригодишен проект за адаптација на македонското земјоделство кон климатските промени. Како што беше истакнато на денешната промоција на Проектот, Република Македонија е сериозно погодена од климатските промени, а најновите предвидувања ја вбројуваат нашата земја во таканаречената црвена зона, во која негативните влијанија од климатските промени ќе се почувствуваат врз земјоделството.

 

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, приоритет за Владата е креирањето политики и мерки за справување со климатските промени. ,,Соочени со овие предизвици и свесни за фактот дека се потребни големи подготовки со цел успешно справување со очекуваните негативни ефекти од климатските промени, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство презема низа активности во оваа насока. За таа цел, подготвивме акциски план со краткорочни и среднорочни мерки на национално ниво и на ниво на агроеколошки зони во кои ќе се вклучат сите чинители во земјоделскиот сектор, истакна тој,,

 

Македонија како што рече Петар Ѓоргиевски, директор на Проектот, сега е пред сериозен предизвик во справувањето со штетите од климатските промени. Покрај имплементацијата на агротехничките мерки што ќе бидат понудени и ќе бидат користени од земјоделците, проектот има за цел да делува и врз јакнењето на свеста кај фармерите за да ги воведат овие мерки. Такви мерки, додаде тој, се инкорпорирање на биомаса во почвата за задржување на влагата, начини за кроење на лозите, поставување на мрежи за заштита на производството од негативните УВ зраци и слично.

 

Директорот на  Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Џозеф Лесард смета дека вистинскиот напредок за зачувување на природните ресурси за идните генерации ќе зависи од позитивните дејства на заедниците.

 

За реализација на Проектот ќе бидат одвоени околу еден милион и 300 илјади американски долари. Тој ќе се фокусира на овоштарските и градинарските култури во Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичкиот и Гевгелискиот регион, затоа што овој регион и овие култури според направените анализи се најмногу погодени од климатските промени.

 

Првите луѓе на Проектот најавија дека ќе се работи со семејни фарми кои на пазарот ги пласираат најголем дел од своите производи, како и со земјоделци кои делумно заработуваат, а дел од производството го задржуваат за себе. Планирано е да се извршат и тестирања и мониторинг на техники со цел да се изнајдат оние што најдобро функционираат под дадени услови.

 

Според студијата на Светска банка, во Македонија како резултат на климатските промени ќе се зголеми температурата, а врнежите ќе станат попроменливи што ќе влијае на условите за одгледување на културите и нивните приноси.