Средба на Министерот Димовски со делегација на турските компании „Атешоглу” и „Алутек“

Дата на објава: 
15 Март 2012
-Турска делегација.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, денеска по втор пат се сретна со делегација на турските компании „Атешоглу” и „Алутек“ предводени од г. Мустафа Атешоглу и г. Ерол Акмерт. Првата средба се одржа во Истанбул за време на посетата на Турција на високи владини претставници од Р. Македонија.

 

На средбата се разговараше за можностите за нивни инвестиции во Р. Македонија во областа на аграрот.

 

Директорот на „Алутек“, г. Ерол Акмерт, му се заблагодари на министерот Димовски за целокупната поддршка што ја добиле од државните институции.Тој рече дека во изминатите неколку дена оствариле средби со повеќе претставници од Владата на Р. Македонија и изрази огромно задоволство од можностите што нивните компании ги имаат за инвестиции во Македонија. Тој истакна дека имаат три проекти за инвестирање во земјоделството и тоа:

- инвестиции во одгледување на црна цреша во Р.Македонија

- инвестиции во одгледување на крупен добиток и

- производство на млеко и млеко во прав.

 

Министерот Димовски  го поздрави интересот на турските инвеститори за инвестирање во Македонија.

 

Воедно, министерот им презентираше на претставниците на „Атешоглу“ и „Алутек“ можностите за нивни инвестиции во Република Македонија, особено од аспект на подршката која Владата на Р. Македонија ја пружа преку Програмите за финансиска подршка во земјоделството во делот на одгледување на добиток, одгледување на сточна храна и им посочи во кои региони успева црната цреша.

 

Министерот Димовски и неговите гости изразија увереност дека по завршување на сите административни постапки ќе започнат со инвестиции во Република Македонија.