Почнува изградбата на откупно - дистрибутивен пункт за земјоделски производи во Богданци

Дата на објава: 
28 Февруари 2012
Bogdanci.jpg

Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски, германскиот инвеститор Томас Шварц и градоначалникот на општина Богданци Ристо Ичков денеска, во присуство на голем број граѓани и претставници на бизнис заедницата, поставија камен темелник на нов откупно-дистрибутивен пункт.

 

Ова прво странско вложување во Богданци по 22 години, ќе претставува комплекс со површина од над 4.000 метри квадратни, а ќе содржи современ ладилник, магацински простор, товарна рампа и административни простории.

 

- Задоволство ми е што како сопственик на фирмите „Шварц“ од Германија, на фирмата „Салата Фармс“ од Дубаи и фирмата „Таурус Шварц“ од Германија можам да инвестирам во изградбата на нов откупно-дистрибутивен и преработувачки пункт во Богданци, истакна Шварц.

 

Изразувајќи задоволство од, како што рече, поволната бизнис клима во Македонија, Шварц најави нови вложувања во објект за обработка на 250 илјади тони компир годишно и произведување 100 илјади тони помфрит, како и инвестиции од страна на негови деловни партнери во милионски износи. Тој се осврна и на донацијата за локалната заедница - изградба на детска градинка во Богданци, како и на донација за изградба на црквата Свети Апостол и Павле кај месноста Паљурци.

 

Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски во своето обраќање ја поздрави инвестицијата на „Таурус Шварц“, втора по големина агро-инвестиција во Македонија по влезот на хрватски „Агрокор“.

 

- Оваа инвестиција ќе овозможи поголема вредност на квалитетните македонски земјоделски производи, заложби кои во континуитет ги овозможува  Владата со финансиска поддршка на земјоделското производство, од седум милиони евра во 2005 година до 130 милиони евра во 2012 година. Ова е доказ дека чекориме по вистински пат за развој на земјоделското производство и поддршката што ја овозможуваме преку својата аграрна политика, истакна заменикот министер Коњановски.

 

Тој им порача на инвеститорите да ги негуваат односите со земјоделците преку понуда на фер договори за да можат тие да им возвратат со квалитетни производи, а за земјоделците, нагласи, ова инвестиција е добра шанса да реализираат дополнителна вредност за своите земјоделски производи.

 

Според градоначалникот Ристо Ичков, новата инвестиција ќе овозможи откуп и дистрибуција на производите од богданскиот крај и пошироко, но бенефит ќе биде и подготвеноста на фирмата „Таурус Шварц“ да вложи во бесплатна едукација на земјоделците за правилно одгледување на културите.