Коњановски на состанок со преработувачите на овошје и зеленчук во Гевгелија

Дата на објава: 
28 Февруари 2012

Земјоделството за нас е еден од врвните приоритети и тоа јасно го покажавме на дело со конкретни мерки, проекти и чекори. Секоја година ја зголемуваме поддршката. Во 2005 за оваа намена се одделуваа седум милиони евра, а оваа година субвенциите достигнаа 130 милиони евра. Ќе продолжиме онака како што ветивме, рече заменикот министерот за земјоделство, шумарство и водостопаснтво Зоран Коњановски на денешниот состанок на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук (МААП) во Гевгелија.

 

Тој ја потенцираше заложбата на Владата секогаш да излезе во пресрет на рационалните барања на преработувачите во однос на субвенционирањето на примарното производство кое се предава во погоните. Соработката со МААП, рече, пред три години резултураше со определени износи за субвенционирање на одделни култури, а годинава поддршката е дефинирана по однос на културите и нивното учество во создавањето на производите како конечен извозен производ.

 

На состанокот се анализираше минатогодишната преработувачка сезона со посебен акцент на следната од аспект на организација во корелација со примарното производство и неговот субвенционирање.

 

Преработувачкиот сектор во Македонија е главно извозно ориентиран со реализиран извоз од 40 милиони евра во 2010 година, а во 2011 очекуваните пресметки се речиси 45 милиони евра.

 

- За подобрување на конкурентноста секоја поддршка е добредојдена. Задоволни сме од соработката и разбирањето на Владата, како и од стореното за разликата во нивоата на субвенционирање на одредени производи. Субвенциите годинава ќе се нивелираат во износ од 2,5 денари за еден килограм предадени домати, два денара за пиперките и корнишоните и по 1,5 денар за останатите култури кои завршуваат во преработувачките капацитети, изјави Трајко Алчинов, член на МААП и директор на фирмата „АЛТРА“ која се занимава со замрзнување на овошје и зеленчук.

 

Тој се осврна и на предвидената директната поддршка за производителите на индустриски култури кои ќе добиваат по 90.000 денари за најлон насади под домати и краставици, 30.000 денари за насади од 1 хектар домати, 23.000 денари за секој хектар пиперки и корнишони и 15.000 денари за секој хектар насади под останати култури.

 

На состанокот се промовираше и новиот интернет портал на Асоцијацијата на кој може да се најдат податоци за сите 40 регистрирани преработувачи во Македонија и да се направи понуда на македонските преработувачки производи и целокупниот асортиман.