- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Мора да водиме сметка за искористувањето на водата и за последиците од климатските промениДата на објава: 21 Јануари 2012Македонија има и произведува доволно храна, од тој аспект не спаѓа во групата загрозени земји, но мора рационално да ги користи природните ресурси и да води сметка за последиците од климатските промени, изјави министерот Љупчо Димовски по завршувањето на Самитот на министрите за земјоделство во Берлин. - Поседиците од климатските промени веќе се чувствуваат, но работиме на нивно ублажување. Ги почитуваме сите препораки на Светска банка, домашните и странските експерти. Интензивно разговараме и за заштитата на водата. Во овој сегмент мора да бидеме многу внимателни зашто не можеме да се пофалиме дека сме богати со природни водни ресурси. Сепак, ако домаќински, ефикасно ги експлоатираме, можеме да обезбедиме квалитетно наводнување за земјоделските површини, истакна Димовски. На Самитот учествуваа министри за земјоделство од преку 70 земји. Во неколкучасовната дебата тие изнесоа поразителни бројки, дека речиси една милијарда луѓе се хронично гладни и ситуацијата допрва ќе се усложнува зашто популацијата се зголемува, а ресурсите стануваат се поограничени. Крајно време е, порачаа, да се преземат конретни чекори за надминување на гладта и сиромаштијата во светот. Решението е во развивањето одржливо земјоделство. - Проблемот го знаеме, приоритетите се утврдени, ја имаме и потребната технологија. Останува декларативните заложби да ги замениме со сериозно дејствување, апелираа министрите. Во Коминикето што го усвоија како финален документ меѓу другото стои дека земјоделството е клучен сектор за создавање т.н. зелена економија. Употребата на почвата и водата мора да биде ефикасна, богатите земји не смеат да ги игнорираат послабо развиените, туку таму треба да насочат што повеќе инвестиции, а неопходно е и микрофинансирање, обезбедување финансиска поддршка за малите фармери. Македонија, како мала земја, нема големо влијание во решавањето на глобалниот проблем со недостигот од храна, но преку присуството на вакви големи, значајни настани, може да добие информации за генералната аграрна политика, пред се на ЕУ. Тоа, како што нагласи министерот, е многу битно за нас, бидејќи е зацртан патот што мора да го изодиме до полноправно членство во Унијата. На маргините на Самитот кој се одржуваше во рамки на најголемиот меѓународен саем за храна и земјоделство „Зелена недела“, министерот Димовски имаше работна вечера со словенечкиот колега Дејан Жидан. - Македонија и Словенија имаат стандардно добри односи во сите сфери, вклучувајќи го и земјоделството. Разговаравме за нивно продлабочување зашто за тоа секако постои простор. Навистина сакаме да и го покажеме патот на Македонија по кој одевме, а тоа е патот до ЕУ. Да се биде дел од европското семејство значи да се биде стабилен, сигурен. Сега дојде време кога сигурноста значи многу повеќе од периодот пред пет, десет или 20 години, изјави Жидан по вечерата. Димовски претходно, во рамки на Глобалниот форум за храна, имаше средба и со домаќинот, германската федерална министерка за земјоделство Илзе Ајгнер. На средбата стана збор за влез на германски инвестиции во македонското земјоделство и за формирање македонско-германски агросовет. Учеството на Форумот и на Самитот во Берлин деновиве, министерот Димовски ги искористи и за средби со колегите од Србија, Косово, Литванија. |