Министерот Димовски на презентација на студијата „Проценка на економското влијание од климатските промени“.

Дата на објава: 
15 Декември 2011
Undp.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски денеска се обрати на презентацијата студијата „Проценка на економското влијание од климатските промени“.Студијата е дел од тековните активности на УНДП да го развијат аналитичкиот и институционалниот капацитет на земјите во транзиција со цел да се проценат економските влијанија од климатските промени. Студијата нуди прелиминарни проценки на економските влијанија од климатските промени во три области важни за економијата - побарувачката на енергија, водените ресурси и земјоделството. Во своето обраќање Министерот Димовски изјави дека МЗШВ веќе подолго време активно е вклучено во заштитата од климатските промени и оти се превземаат мерки за справување со нивните последици.

 

- Македонија е една од четирите земји кои се влезени во овој проект со дефинирани региони во кои има поголеми последици од климатските промени, како што е Пелагонискиот каде има оштетување на поседите од 20 до 30 проценти како последица на сушата. Еден од критичните региони е и Повардарскиот, јужно од Демир Капија каде заедно со КФВ банка се реализира втората фаза од системот за наводнување капка по капка на 4,5 илјади хектари, рече Димовски.

 

Тој посочи дека последици од климатските промени има и во Радовишко, но и во Пчињско-осоговскиот регион каде се предвидува изградба на неколку мини акумулации за наводнување на земјоделските површини претежно насеани со житарици.

 

- Презедовме и неколку чекори за стимулирање на земјоделците за да ги променат културите со поотпорни на климатските промени. Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и МАНУ започнат е проектот за изработка на педолошка карта на земјоделската површина во Македонија која ќе ни даде репер кои култури во кои региони се најпогодни за одгледување. Како надградување ќе се изработи и агрохемиската карта со која ќе се препорача со кои заштитни средства да се третираат најсоодветните култури во регионите, а се изработува и стратегија за производство  на сертифициран семенски и посадочен материјал  за автохтони сорти во Македонија, појасни Димовски и додаде дека се смета оти автохтоните сорти ќе дадат највисоки приноси по единица површина.

 

За земјоделците, нагласи, се предвидени стимулативни средства за да се обврзат да го користат сертифицираниот семенски материјал на автохтоните сорти во Македонија

 

На презентацијата се обратија и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Дијардре Бојд, Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски како и Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и Министерот за економија Ваљон Сарачини.