Промовирана стандардизирана опрема за гаснење на шумски пожари

Дата на објава: 
17 Ноември 2011
Oprema za gasenje pozari 033.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски  денеска присуствуваше на промоција на опремата за гаснење на пожари обезбедена во рамки на проектот „Зајакнување на подготвеноста за справување со шумски пожари“ кој го реализира Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство во соработка со Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО). Опремата за гаснење на пожари ќе послужи како модел за опремување на јавните претпријатија кои управуваат со шумите, а која треба да биде една од основите за обезбедување на интегрирано управување со пожари и за нивна контрола на терен. Опремата беше презентирана во рамки на денешната работилница „Интегрирано управување со пожари“.

Како што рече министерот Димовски, овој проект треба да ја изгради основата за зајакнување на капацитетот на националните управни и оперативни тела одговорни за справување со шумски пожари.,,Со ваквите обуки ќе се трасира патот за вршење на национални промени во ставовите кои водат кон намалување на бројот на пожари предизвикани од човечки фактор во високо-ризичните области преку процесите на подобрено планирање и координација за одговор на непогоди и олеснување на ваквите активности во државата. Дел од компонентата за подигнување на јавната свест е и Националната кампања за заштита на шумите од пожари која се промовира и се реализира годинава, во рамки на  Меѓународната година на шумите прогласена од страна на Обединетите нации,, – истакна тој.

Според Војо Гоговски, државен советник за шумарство и ловство, национален координатор на проектот, во тесна соработка со ФАО, експертите вклучени во овој процес ќе работат на донесување на одржливи решенија, со цел обезбедување на поголема  заштита и безбедност на граѓаните и нивните имоти, зачувување на животната средина, шумите и биодиверзитетот итн. Во прв ред ова се однесува на прашањата за превенција, едукација, меѓуинституционална соработка, подигање на јавната свест, како и хармонизација на политиките.

Националната кампања за заштита на шумите од пожари ги обединува сите заинтересирани страни за заедничко и координирано пристапување кон подигање на јавната свест во однос на опасноста од шумските пожари со што ќе се придонесе кон намалување на бројот на шумските пожари во Македонија.

Во кампањата за заштита на шумите од пожари, потенцира Гоговски, вклучени се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; Министерство за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Противпожарен сојуз на Македонија, Федерација на планинарски спортови на Македонија, Извидничкото движење, Јавните претпријатија кои вршат управување со шумските ресурси и други.

Кампањата за заштита на шумите од пожари, активност предвидена со овој проект, почна во мај оваа година и според плановите ќе прерасне во континуирана национална активност. Во нејзини рамки промовирани беа логото за заштита на шумите од пожари – бувот Бубо и мотото „Заштити ја шумата од пожари!“, преку кое  се укажува на опасностите од шумските пожари.

 

Во рамки на проектот ќе се дефинираат развојниот план за справување со пожари кој ќе вклучи воведување на стандарди, зајакнување на капацитетите, креирање на  тренинг центри, како и  подигнување на јавна свест на граѓаните за опасноста од шумските пожари. За да се реализра ова како што беше истакнато на работилницата, неминовно е сите страни вклучени во процесот на заштита на шумите од пожари, вклучително и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како водечка институција во овој процес да се прецизира синџирот на командување во гаснењето на пожарите, координацијата на различните институции и воведувањето на стандарди за оперативно делување на сите институции. Исто така потенцирано беше дека е важно и обезбедувањето на соодветна опрема за гаснење на пожари, вршење на стандардизирана обука, осовременување на процесот на планирање за справување со шумските пожари.