Дата на објава:
12 Ноември 2011Молдавија заинтересирана за размена на искуства за интензивирање на соработката во винскиот сектор
Укинување на акцизите и ставање на виното на листа на прехранбени, а не во категоријата алкохолни производи, се основите за зголемување на потрошувачката на вино на домашните пазар, што е еден од условите за намалување на залихите на вино на глобално ниво. .Неопходна е и засилена кампања за продажба на странските пазари, добро изградена маркетинг стратегија, со помош на која ќе се обезбеди пласман на поголеми количини вино и на странските пазари, но, во прв ред, најважно е производителите на грозје и вино да соработуваат. Ова се дел од темите за кои денеска, во рамки на билатералните средби со претставниците на Министерствата за земјоделство и храна на Република Молдавија и на хрватското Министерство за земјоделство, рибарство и рурален развој ги дискутираше македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Денешните билатерални средби се одржаа во рамки на Петтиот годишен состанок на министрите за земјоделство на Југоисточна Европа.
- Трговската размена со земјоделско-прехранбени производи меѓу Република Македонија и Молдавија генерално е мала. За да се интензивира размената и за се засили трговијата во делот на земјоделството приоритетно е да се укине визниот режим. Тоа ќе биде одлична основа за почнување на нови релации во трговијата и во делот со земјоделско-прехранбени производи меѓу нашите држави - рече министерот Димовски на билатералниот состанок со Виорел Гуту, заменик министер за земјоделство на Молдавија.
Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство може да ги искористи молдавските искуства во процесот на консолидација на земјоделското земјиште, каде како што потенција министерот Димовски, според оценките на Светска Банка, се направени солидни реформи. Молдавскиот заменик министер Гуту посочи дека Молдавија има одличен експертски тим вклучен во процесот на консолидација кој почнал уште пред десеттина години и дека истиот може да помогне во олеснувањето на овој процес во Република Македонија.
-Во моментов молдавското Министерство за земјоделство работи на подготовка на стратегија за ставање во функција на производство на храна на целокупното земјоделско земјиште, кое сега и покарај нашите напори, оптимално не се користи. Република Македонија е подалеку отидена во делот на хармонизација на регулативата о ЕУ и затоа за нашата држава од исклучително голема важност ќе биде пренесувањето на искуството кое се однесува на усогласувањето на законските акти со европското законодавство - истакна Гуту.
Негова оценка е дека Република Македонија направила голем напредок и во винскиот сектор и затоа побара од министерот Димовски воспоставување на поблиски релации меѓу ресорните министерства со цел размена на искуства за унапредување на винарскиот сектор во Молдавија. Тој го сподели молдавското искуство во креирањето на креирања и спроведување на стратегија за зголемување на соработката на винарниците заради стимулирање на продажбата на вино. ,,Со цел да го обединиме винскиот сектор, на база на јавно-приватно паретнерство, сега формираме Агенција за промоција на виното. Таа ќе ја има главната улога во маркетингот на винскиот сектор на Молдавија. Во нејзини рамки, преку издвојување на дел од приходот од продажбата на вино ќе се формира фонд за промоција,, - објасни Гата.
Министерот Димовски посочи дека македонската влада го поддржува и винскиот сектор бидејќи од него зависи и напредокот на примарното производство - лозарството. Радува фактот, додаде тој, дека и во услови на глобална винска криза успеваме да пласираме вино на странските пазари. Особено горди сме што покрај традиционалните, освојуваме и нови, како што е јапонскиот, каде од неодамна се пласираа првите поголеми количини македонско вино.
Молдавскиот заменик министер Гата потенцира дека неговата земја има потреба од размена на искуства во делот на безбедноста на храната, во прв ред на хармонизација на законодавството со ЕУ, а ја понуди поддршката на советодавната служба за земјоделство, бидејќи како што рече и според оценките на голем број странски експерти таа е една од подобрите.
Во рамки на Петтиот годишен состанок на SWG, министерот Димовски денеска оствари билатерална средба и со господин Стјепан Микулчиќ, државен секретар во хрватското Министерство за земјоделство, рибарство и рурален развој. Од негова страна беше дадена целосна поддршка на Република Македонија во делот на приближување на македонското кон европското земјоделство.
-Неопходно е Република Македонија да го продолжи реформскиот процес во аграрот и навреме да се подготви за преговори со ЕУ. Ја нудиме нашата безрезервна поддршка во делот на размена на искуства за хармонизација со ЕУ, особено на дооформувањето на македонскиот интегрираниот информативен систем за земјоделство. Се радувам што билатералните трговски односи и со земјоделско-прехранбени производи меѓу нашите земји функционираат што е потврда за добра регионална соработка- заклучи Микулчиќ.