- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Министерството за земјоделство ќе работи на окрупнување на земјоделското земјиштеДата на објава: 28 Септември 2011Расцепканоста на земјоделските имоти оневозможува зголемување на производството и конкуретноста на македонското земјоделство и примена на соодветни агротехнички мерки. Поради тоа, окрупнувањето на земјоделското земјиште е една од стратешките определби на Министерството за земјоделство со која во иднина треба да се надмине овој проблем, беше истакнато на денешната работилница за окрупнување на земјоделското земјиште. За таа цел, се подготвуваат измени на постоечкиот Закон за земјоделско земјиште со кои треба да се надмине натамошното раситнување на земјоделското земјиште, а изготвена е и Нацрт стратегија за окрупнување (комасација) која по нејзиното финализирање треба да почне да се применува од 2012 година. Стратегијата, која ќе важи до 2020 година, се изработува во соработка со холандската агенција за развој СНВ преку кои од 2009 година се реализира проектот Стимерaлд, кој покрај стратегијата опфаќа и организациско поставување за спроведување на сеопфатна рурална земјишна политика и јакнење на капацитетите за нејзино спроведување. -Нацрт стратегијата за окрупнување на земјоделското земјиште која во почетокот на 2012 година треба да биде финализирана, ќе ги вклучи целите, политиките и инструментите кои треба да се постават во руралната и земјоделската политика, но и во делот на фискалната и други политики, а кои се однесуваат на реструктурирањето на неповолната земјишна структура. Комасацијата очекуваме дека ќе придонесе за обновување на руралните општини, ќе обезбеди поголем економски развој и заштита и подобрување на управувањето со природните ресурси, истакна Бесир Јашари, државен секретар во Министерството за земјоделство. Тој додаде дека во насока на поддршка на процесот на окрупнување на земјоделското земјиште се и измените за Законот за земјоделско земјиште со кои се предвидува мерка за ограничување на понатамошното ситнење на земјоделските имоти кои се помали од два хектари. Процесот на окрупнување кој е планирано да започне од 2012 година и на почетокот ќе се врши на доброволна основа. Окрупнувањето на приватните земјоделски имоти како пилот проект беше спроведен кон крајот на минатата година во радовишко Конче каде околу 10-тина земјоделци ги понудија своите парцели за доброволна размена и окрупнување. Податоците од земјоделскиот попис и информациите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство покажуваат дека во Македонија доминираат малите земјоделски парцели и оти постоечката состојба се влошува. Сегашната просечна големина на земјоделските стопанства од 2,5 до 2,8 хектари и просечната големина на катастарската парцела од 0,3 до 0,5 хектари се под големината на парцелите на земјоделското земјиште во земјите од Европската унија. |