Целосна забрана за движење во шумите во следните 10 дена

Дата на објава: 
24 Август 2011
Koordinativno telo.jpg

Во следните 10 дена се воведува  целосна забрана за движење во шумите и шумските појаси на целата територија на Република Македонија, освен за вработените во претпријатијата кои вршат сеча.

 

Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната прес-конференција, забраната ќе трае до 3 септември од 17 часот попладне до 7 часот наутро.

 

Целта е превенирање од пожари зашто можноста од нивна евентуална појава деновиве е зголемена поради топлотниот бран што ја зафати земјава.

- Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи во наредните неколку дена се очекуваат високи температури, јужен ветер, ниска релативна влажност на воздухот без услови за дожд што е поволно за ширење на пожарите. Освен мерките за превенција што ги донесе Владата на синоќешната седница уште еднаш апелираме до земјоделците да не ги палат стрништата, истакна Димовски.

 

Министерството за внатрешни работи, граничната и шумската полиција во следните 10 дена ќе вршат 24-часовна контрола и легитимирање на секое лице затекнато во шума.

 

Дирекцијата за заштита и спасување постојано ја следи состојбата и е целосно подготвена да реагира во случај на какво било опожарување. - Сите човечки ресурси на Дирекцијата се во постојана готовност за навремена реакција. Има и дежурни екипи кои работат за време на викендите, рече директорот на Дирекцијата Шабан Салиу и информира дека моментно во Македонија нема пожари од отворен карактер.

 

Директорот на Центарот за упарување со кризи Тони Јакимовски повика граѓаните да пријават каква било опасност од појава на пожар на бројот 195, со цел навремена интервенција.

 

Од 1 јули до 22 август годинава се регистрирани 219 големи пожари што во споредба со лани, како што нагласи министерот Димовски, не е голема бројка. Опожарени се 7.000 хектари од кои 2.400 во Битолско. Од вкупно опожарените,6.600 хектари се нискостеблеста шума и високи треви, а 400 хектари се висока борова шума и молика.