Соопштение

Дата на објава: 
22 Август 2011

Неосновани се тврдењата на прес-конференција на Федерацијата на независни синдикати на земјоделци и сточари. Наместо бројки и факти вчера беа изнесени само паушални тврдења за состојбата во македонското земјоделство. Земјоделците не се уништуваат како што тврди синдикатот туку и годинава како и лани статистички бележат раст и развој на производството и неколкукратно зголемување на извозот.

 

Синдикатот бара интервенција од Владата, во делот на производството на пченица, мерка која беше донесена уште на втората седница на новиот владин состав, а за која, не знаеме од кои причини синдикатот и покрај медиумската кампања не е информиран.

 

Во соработка со легитимните земјоделски здруженија, мелничко пекарските компании и трговците со пченица и брашно, Владата на крајот од минатиот месец донесе мерки за стабилизирање на домашниот пазар со жито. Во наредните три месеци увозот на еден килограм брашно се услови со обврзувачки откуп на четири килограми македонска пченица. До октомври 2011 година се забрани извозот на меркатилна пченица, а за да се стимулираат поголеми откупни цени на житото, Агенцијата за стокови резерви објави оглас за набавка на 40 000 тони пченица за потребите на државните резерви.

 

Државниот инспекторат за земјоделство изврши и дополнителни контроли на млиновите и ги евидентира откупените количини пченица наменети за преработка на брашно со цел да се спречи секој вид на малверзации. Засилени се и контролите на пазарниот инспекторат на пекарниците за да се спречи нелегалното производство и продажба на леб.

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на земјоделците, во соработка со Агенцијата за храна и ветерина на граничните премини воведе строга контрола на квалитетот на увозните земјоделски производи. Во насока на подготовка на новата откупна сезона на грозјето уште во текот на минатиот месец  Државниот инспекторат за земјоделство изврши дополнителни контроли кај сите винарски визби на документите за откупените количини грозје од минатата година, за произведеното и продаденото вино, за залихите, како и за состојбата со исплатата на откупеното грозје, што е во согласност со измените и дополнувањата на Законот за вино.

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со откупните компании и легитимните здруженија на тутунари, уште во почетокот на годинава го донесе изменетиот Закон за тутун и новиот правилник за откуп со кој се направија радикални измени во делот на производството, откупот увозот и извозот на тутун и тутунски преработки. Како втора извозна индустриска култура која носи најголем девизен прилив во државава, тутунот има посебен третман во земјоделската политика на оваа влада. Република Македонија е организирана правна држава и тоа добро треба да го знае и синдикатот и затоа производството и трговијата со тутун е регулирано со посебен закон.

 

Напомнуваме дека во изготвувањето на овој закон, покрај експертите од оваа земјоделска гранка, научниците од земјоделските факултети во државата и Институтот за тутун, свое учество имаа и претставниците на тутунопроизводителите. Покрај тоа, во Законот за тутун прецизно е наведена улогата и активностите на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите како нивен најрепрезентативен претставник.

 

Сметаме дека барањето на синдикатот за либерализација на пазарот за оваа индустриска култура ќе го наруши воспоставениот ред во трговијата и ќе наметне анархија. Македонското жолто злато и без бараната либерализација на пазарот покрај на традиционалните пазари на ориентален тутун во најскоро време ќе се најде и на големиот кинески пазар.

 

Новиот правилник за откуп донесен на барање на производителите на тутун е во функција на подигнување на класите за откуп, што значи и зголемување на откупните цени по килограм. Новите правила ги зајакнуваат и ингеренциите на инспекторатот за земјоделство во делот на проценката на тутунот, вклучувајќи го во контролата на увозот и извозот на тутун и тутунски преработки.

 

Во делот на барањето на синдикатот за изнаоѓање на модел за набавка на поевтина нафта и поевтини ѓубрива Министерството за земјоделство го информира синдикатот дека со програмите за финансиска поддршка на земјоделството, Државата финансиски го подржува здружувањето на земјоделците, што и во европски рамки е основен модел и за обезбедување на поевтина нафта и ѓубрива и за продажба на земјоделските производи.