Противпожарните авиони ги гаснат пожарите на непристапните терени

Дата на објава: 
25 Јули 2011

Променливо облачно време со локален дожд и грмежи најавува за утре Управата за хидрометеоролошки работи. И покрај најавеното намалување на температурите, кои според прогнозата на УХМР утре ќе се движат од 19 степени Целзиусови во  високите планински предели и до 30 степени во низините,  Оперативното координативно тело за заштита на шумите од пожари предупредува дека иако опасноста од настанување на пожари е намалена, таа реално сеуште постои и може да предизвика големи штети, пред се во Повардарието, како и во Охридско битолскиот и Прилепскиот регион каде според УХМР не се очекуваат врнежи од дожд.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денес, противпожарни екипи на шумското стопанство ,,Лопушник,, на територијалната противпожарна единица од Кичево и Охрид го гаснат пожарот во село Челопеци во општина Вранештица каде во гори смрека, сува трева и  и густа ниска дабова шума. Во акцијата за гаснење на овој пожар вклучени се и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во текот на денешниот ден, локализиран е пожарот кој околу 14 часот избувнал над населбата ,,Ушици,, во Битола, кај манастирот ,,Архангел Михаил,,  и над црквата ,,40 маченици,, во Битола. На овие локации изгореле 20 до 25 хектари багремова шума, сува трева и нискостеблеста шума.

Координативното тело за  заштита на шумите од пожари им препорачува на граѓаните да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите, да не користат запаливи материи на отворен простор, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери. Се предупредуваат и патниците кои патуваат со автомобилски или железнички превоз, да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари за да не се предизвикаат пожари долж патните линии. Сите лица кои во периодот на зголемени надворешни температури мораат да спроведуваат работни активности во пошумени или други локации, според препораките на Координативното тело за заштита на шумата од пожари, неопходно е да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.

Координативното тело ги потсетува граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места на кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на бесплатниот телефон за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи, на бројот 193, како и на отворената телефонска линија 02-155-22 на  јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,.

Координативното тело преку Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Шумската полиција и Министерството за одбрана има воспоставено континуирано следење на состојбата со шумските пожари на терен.

 

 

 

Координативно тело за заштита на шумите од пожари