Министерот Димовски им вети на фармерите продолжување на развојните политики во земјоделството

Дата на објава: 
19 Мај 2011

,,Министреството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја смета Федерацијата на фармерите во Република Македонија за сериозна земјоделска организација, партнер со кој преговара, договара и креира политики за развој на производството на храна, темелени на потребите на земјоделците. Потврда на веќе изградениот партнерски однос е и тоа што Федерацијата го поднесе првото барање за официјално евидентирање како  економско  социјален партнер на Министерството за земјоделство, согласно Законот за земјоделство и рурален развој,,. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешното обраќање на Генералното собрание на Федерацијата на фармерите во Република Македонија што се одржа во Куманово.

 

Во соработка со земјоделските здруженија, а кaко што посочи тој, во изминативе години Министерството успеа да изгради квалитетни политики за развој на земјоделството кои на теренот веќе ги даваат позитивните резултати и тоа преку зголемено производство и извоз, организираност на земјоделците и нивна се поголема вклученост во целокупните општествени текови, особено во оние кои се  непосредно поврзани со производството, преработката и трговијата со храна.

 

-Убедени сме дека 365 милиони евра кои ги вложивме во македонското земјоделство преку субвенциите  во изминатите 5 години ја постигнаа целта. Го зголемивме обемот, но и конкуренцијата на нашето земјоделско производство. Останува предизвикот за уште поголема организираност на производителите се со цел, македонското земјоделство да ги достигне европските стандарди и да стане сериозен конкурент и да големите и доброорганизирани земјоделски земји. Веруваме дека ова е реалност и затоа преку програмите даваме финансиска поддршка и за земјоделските задруги како еден од основните облици за  економско здружување на земјоделските стопанства заради вршење на економска дејност – додаде министерот Димовски.

 

Преку Програмата за рурален развој, како што објасни тој, Министерството за земјоделство дава субвенции за воспоставување на нова земјоделска задруга, но и за  одржување на работата на постоечките. Настојувајќи да им помогнеме на малите фармери кои во иднина мораат да ја засилат својата профитабилност и конкурентност, најголемиот дел од субвенциите се наменети токму за нив. ,,Поради овие причини од 2006 година рапидно ја зголемивме поддршката во земјоделството. Така ќе продолжиме и натаму, во соработка со Вас да реализираме уште многу големи предизвици,, – истакна министерот Димовски.

 

И во иднина остануваме на реализацијата на стратешките цели да ги подржуваме пазарни ориентираните производители,младите фармери и жените,се со цел тие да ја зголемат конкурентноста и да бидат стожер на развојот на економијата на Република Македонија.