Продолжува втората фаза од проектот „Наводнување на Јужна Долина на Реката Вардар

Дата на објава: 
1 Април 2011
Juzna.jpg

Министерството за финансии денеска го потпиша договорот за заем за финансирање на проектот „Наводнување на Јужна Долина на Реката Вардар - фаза 2“. Со 10,3 милиони евра исклучително поволен заем и еден милион евра грант од Сојузна Република Германија преку KFW банка, затворена е  финансиската конструкција на проектот со чија реализација, како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ќе се обезбеди наводнување на 3.900 хектари земјоделско земјиште во 13 населени места од гевгелиско-валандовскиот регион. Од него, како што истакна вицепремиерот Ставревски се очекува бенефит да имаат 5.500 земјоделски семејства. Вкупната сума за реализација изнесува 21,7 милиони евра, од кои 4,7 милиони ќе обезбеди Владата, а 5,7 милиони евра водните заедници.

 

- Заемот и е доделен на Република Македонија под исклучително поволни услови, со рок на отплата 20 години и пет години грејс период, а каматната стапка е фиксна и изнесува 2,5 проценти. За крајните корисници условите ќе бидат уште поповолни, водните заедници ќе го отплаќаат заемот, исто така за 20 години и пет години грејс период, но со каматна стапка од само 0,75 отсто годишно. Разликата во каматната стапка ќе ја субвенционира државата преку буџетот на Министерството за земјоделство, рече. на прес-конференција по потпишување на договорите за заем за финансирање на проектот.

 

- Повеќе од 11.500 корисници за три години ќе ги почувствуваат ефектите од редовното снабдување со квалитетна вода за наводнување. Целосно ќе се заборави досегашното неекономично површинско наводнување со бразди. Новиот систем вграден уште во првата фаза е еден од најсовремените и овозможува максимално искористување на водотеците од Кожуф и подземните води од реката Вардар, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Според него, ова претставува сигурна основа земјоделците да вложуваат во сопственото производство и во системите за наводнување капка по капка. За овие инвестиции Министерството секоја година дава 50 отсто поддршка.

 

Првата фаза од проектот „Наводнување на Јужна Долина на Реката Вардар - фаза 2“ чија цел беше зголемување на продуктивноста на земјоделските посеви, успешно се реализираше исто така со поддршка на  KFW банката од 6,7 милиони евра, а опфати 2.600 хектари.