Од април почнува евидентирањето на партнерите за соработка со Министерството за земјоделство

Дата на објава: 
31 Март 2011

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од 4 април ќе ја започне постапката за евидентирање на социјалните и економските партнери на Министерството, со цел воспоставување соработка заради уредување на заедничките пазари со земјоделски производи.  За социјални партнери со кои министерството за земјоделство ќе воспостави соработка, а за кои согласно Законот за земјоделство и рурален развој ќе се води евиденција, се сметаат  здруженијата на граѓани  кои се основани  за унапредување на социјалниот  интерес од областа на заштитата на животната средина, агроекологијата и агробиодиверзитетот, заштитата на природното, културното и традиционалното наследство на руралните средини, како и за заштита на интересите и улогата на младите земјоделски производители или жените земјоделки.

 

За партнери на Министерството ќе се сметаат и  здруженијата на граѓани кои се основани заради заштита на интересите на жителите од руралните средини за подобрување на квалитетот на животот на руралното население, како и оние формирани за промоција на улогата на руралната жена за развој на земјоделството и руралните средини.

 

Во категоријата економски партнери  на Министерството, се сметаат здруженијата на граѓани основани за унапредување на економските интереси на производителите, преработувачите и трговците со земјоделски производи, задруги, задружни сојузи од областа на земјоделството, како и групациите при стопанските комори.

 

Активностите за евидентирање на социјалните и економските партнери се во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и во насока на  формирањето на  подсекторски постојани групи за уредување на пазарот со одделни земјоделски производи или група на производи.

 

Покрај Советот за земјоделство и рурален развој постојаните подсекторски групи ќе бидат  една од поважните форми на партнерство во областа на земјоделството со кои ќе соработува ресорното Министерство за земјоделство заради планирање, следење и спроведување на националната  земјоделска политика.

 

Улогата на подсекторските постојани работни групи е развој на земјоделските пазари, поддржување на процесот на континуирана комуникација меѓу учесниците на земјоделските пазари на одделени земјоделски производи или на група производи во поглед на понудата и побарувачката и движењето на откупните цени. Тие, во соработка со институциите на системот треба да учествуваат во креирањето на политики, планови и програми за развој на земјоделството, да ги утврдуваат понудата, побарувачката и движењето на откупните цени на земјоделските производи како и да  предлагаат решенија  за надминување на  одделни пазарни состојби. Постојаните подсекторски работни групи треба да учествуваат во изработувањето на програма  за техничка поддршка на производството на одделни земјоделски производи или на група производи.

 

Членовите на потсекторската постојана група со право на глас, согласно одредбите на Законот за земјоделство и рурален развој,  задолжително ќе бидат претставници од економските партнери кои се евидентирани во министерството. Ова се однесува на земјоделските производители, праработувачи или трговци со  земјоделски производи, задруги и задружни сојузи од областа на земјоделското производство како и групации за  земјоделство и за преработка на земјоделски производи во рамките на стопанските комори.