- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Промовиран Прирачникот за формирање и работа на земјоделски задругиДата на објава: 3 Март 2011Економското здружување на земјоделците е единствен начин за брзо концентрирање на понудата во поголеми количини со усогласен квалитет и зголемување на преговарачката моќ за постигнување подобри цени. Здружени во кооперативи, земјоделците полесно можат да реализираат покрупни инвестиции и да обезбедат самостоен настап на пазарот, без претходно да ги продаваат производите на откупувачите или трговците, истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски на промоцијата на Прирачникот за формирање и работа на земјоделски задруги во Република Македонија.
- Борбата на пазарот се заострува. Затоа апелирам земјоделците похрабро и поинтензивно да влезат во овој процес кој се покажа како единствeн начин за подобрување на нивната состојба на пазарот, истакна Иваноски.
Од 2007 година Владата во своите политики за развој го има дефинирано економското здружување на земјоделците како еден од приоритетите. Преку годишните програми за субвенционирање на руралниот развој проектирани се пакет мерки за инетнзивна поддршка на формирањето земјоделски задруги и нивното функционирање.
- Овие мерки опфаќаат 80 отсто неповратна помош за трошоците во делот регистрирање на задругата како правен субјект, за платата на раководителот, за сметководството и набавка на опрема, но поддршката продолжува и по формирањето, за обука, рече Иваноски.
Новина годинава е што кофинансирањето за задругите, доколку инвестираат во производство, маркетинг, трговија, се зголемува за 10 отсто. - Задругите ќе бидат кофинансирани со 60 проценти ако сакаат да набават опрема, механизација или нешто друго што им е потребно за производство или маркетинг. Со тоа сметаме дека би се отворил еден инвестициски циклус – мотивирање на земјоделците да влезат во задругите, а задругите да станат посериозен субјект на пазарот преку подобрување на нивниот капацитет преку нови инвестиции, напомена Иваноски.
Прирачникот за формирање и работа на земјоделски задруги во Република Македонија го изработи Холандска организација за развој (СНВ) во соработка со Министерството за земјоделство, а целта е целосно информирање на земјоделците за придобивките од здружувањето и поттикнување на нивниот интерес за здружување. |