Успешно се реализира ИПАРД Програмата, оцени седмиот Мониторинг комитет

Дата на објава: 
16 Декември 2010

,,Солидни се првите резултати од аплицирањето за ИПАРД во Македонија. Спроведувањето на европската претпристапна програма генерално е на добар пат, но за нејзино поуспешно реализирање треба да се вклучат сите засегнати страни,,. Ова е пораката која денеска ја упатија претставниците од Европската комисија од седмиот состанок на Комитетот за следење на ИПАРД.

 

Спроведувањето на ИПАРД, истакнаа тие, ќе покаже колку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој е способна да менаџира со европските фондови и да го придвижи македонското земјоделство кон европските политики и стандарди.

 

Перица Иваноски, заменик - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство истакна дека е многу добра досегашната реализација на ИПАРД. Моментно, додаде тој, се прават анализи кои ќе ги детектираат проблемите што се рефлектираат врз искористувањето на мерките. Врз основа на тоа Програмата натаму ќе се менува или дополнува.

 

- Од анализите во кои се вклучени и самите апликанти треба да произлезат конкретни предлози за дополнување и измена на ИПАРД Програмата, односно проширување на опфатот на мерките и воведување нови со цел што поголема апсорпција и искористување на средствата, рече тој.

 

Тони Димовски, директор на Агенцијата за финасиска поддршка на земјиделството и руралниот развој најави дека идната година е предвидено да се објават три нови ИПАРД огласи. Кои мерки ќе бидат опфатени со нив и на колкава сума ќе се проектира, како што рече тој, допрва ќе се утврдува.

 

-Годинава имаше два јавни повика. а првиот за 18,5 милиони евра беа доставени 133 барања, а беа склучени 27 договори за 3,8 милиони евра инвестиции и 1,9 милиони евра кофинансирање. На вториот за 40 милиони евра се доставени 112 апликации. Нивната обработка е во тек. Добар дел од недостатоците утврдени при првиот оглас се веќе отстранети – заклучи  директорот Димовски.