Министерот Димовски ја промовира национална ознака за органски производ

Дата на објава: 
12 Декември 2010
nacionalna oznaka za organski proizvod.jpg

,,Стилизирано сонце со фиданка е новата национална ознака за органски производ. Таа е гаранција дека производот е сертифициран во согласност со одредени стандарди и на него се извршени сите неопходни контроли. Ознаката е непосредна информирација за органското потекло и квалитетот на производот,, Ова го истакна миниатсрот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на промоцијата на македонската ознака  за органски производ.

Како што рече тој, симболот е избран од страна на сите вклучени во системот на производство на органската храна и од граѓаните на Република Македонија. ,,Пет предлог идејни решенија беа ставени на веб страната на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанств. Во текот на мај и јуни се гласаше за избор на новата национална ознака за органски производ, а предлог идејното решение кое доби најмногу гласови од граѓаните, беше пропишано во Правилник,, додаде министерот Димовски.

Промовирајќи ја новата национална ознака за органски производ, додаде тој, очекуваме и поголемо информирање и едуцирање на македонската јавност за постоењето и вредноста на органската храна, за бенефитот од нејзиното користење, како и можностите за нејзино производство. Користењето на органската храна е можност за подобрување на здравјето на луѓето, но и начин за заштита на животната средина од разни видови на загадување.

 

-Со зголемената домашна потрошувачка на органски производи, се отвараат многу други можности и тоа освен зголемената мотивација на органските производители да произведуваат поголеми количества на вакви производи, се зголемува и интересот на трговците за продажба на органски производи,а со тоа  и на извозот на македонската органската храна- потенцира министерот.

За да добие ознака за органски производ, секој фармер мора да поседува сертификат, доказ дека неговото производство се врши во строго контролирани услови и по строго дефинирани правила и стандарди. Сертификат за орагснки производ издаваат само сертификациски тела овластени од страна на Министерството за земјоделство. Во моментов кај нас тоа се Процерт и Балкан Биосерт, акредитирани и од страна на Институтот за акредитација на РМ.

- Бројот на органски фармери оваа година изнесува 321, во споредба со педесеттина пред 5 години. Министерството за земјоделство токму поради зголемениот интерес на фармерите да се определат за производство на органска храна ќе започне со кампања за подигнување на свеста на македонските граѓани за значењето и за консумирање на органската храна.Да се создаде тренд на понуда и побарувачка на органски производи, најпрво во нашата земја, а потоа и да се обезбедат услови за сигурен пласман на европскиот и на светскиот пазари. Со обезбедувањето на пласманот се очекува поголема мотивација на органските фармери да произведуваат ваков вид на производи– објасни тој.

Сертификациското тело, објасни министерот Димовски ги утврдува условите и начинот на производство и одобрува влез во системот на органско земјоделско производство. Фармерот добива сертификат за органско земјоделско производство во преоден период. Во текот на овој преоден период производните површини целосно ќе бидат ослободени односно прочистени од остатоци од пестициди и штетни материи кои би можеле да се содржат во почвата. Времетраењето на  преодениот период е различно и зависи од видот на културата или животното кое се одгледува.

 

- Во овој преоден период можно е намалување на приносите што е причина што Министерството за земјоделство одвојува финансиска помош за овој вид на производтво од една страна, а од друга страна финансиската помош се доделува и поради поголемите вложувања на самите фармери во органскиот начин на производство. Владата на Република Македонија преку соодветно димензионирана Програма за поттикнување на развојот на органското производство ги постигнува зацртаните цели, финансирајќи го секој сегмент од системот на Органското земјоделско производство. Со 30 проценти зголемена финансиска поддршка во однос на редовното производство се поддржува примарното органско земјоделско производство, како преработката и трговијата со органски производи од домашно потекло- посочи министерот Димовски .

Висината на поддршката расте од година во година. Во 2007 година поддршката изнесуваше 11 милиони денари, минатата 2009 година беа одвоени 67 милиони денари за развој на органското земјоделско производство, а за оваа година 70,8 милиони денари. Република Македонија чекорејќи го патот кон Европската Унија цврсто го поддржува развојот на органското земјоделско производство. На крајот на 2009 година Министерството за земјоделство донесе нов Закон за органското земјоделско производство целосно усогласен со новата регулатива на Европската Унија. Во текот на 2010 година се изработија и 18 подзаконски акти кои подетално ги разработуваат одделните области, правила и постапки во органското производство.