Реакција на агроанализа на А1 телевизија

Дата на објава: 
29 Септември 2010

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реагира на паушалните коментари и неиздржани предлози во последниот прилог, насловен како агроанализа, на на А1 телевизија..

Република Македонија е дел од глобалниот пазар и на непосреден начин ги чувствува последиците од вкупната криза и во винарскиот сектор.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Македонија реагираа во целосното ослободување од сите административно-технички препреки за пласман на македонското вино уште кон крајот на минатата година, со единствена цел,на полесен начин виното да биде достапно на странските пазари.

Резултатот од тие мерки е намалувањето на залихата на вино која во тој период беше во огромни количини и се проценуваше од над 135 милиони литри.

Со тоа директно се влијаеше во ослободување на простор во кој би се сместило новопроизведеното вино од годинашната реколта.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште еднаш и во оваа прилика ги потенцира чекорите кои ги превзеде во решавањето на проблемот кој настана со откупот на винското грозје од овогодишната реколта.

Министерството за земјоделство, соработувајќи со повеќето винарски визби, реализира прераспоредување на залихите вино во неискористените капацитети, со што се ослободи простор за прием на винското грозје, негова преработка и сместување во цистерните на винарските визби.

Имајќи ги во предвид проблемите со кој се соочува винскиот сектор, врз основа на повеќе средби со претставници на винарските визби, Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе Одлука за финансиска поддршка на винарските визби за поттикнување на откупот на винското грозје од годнешната реколта.

Дејствувајќи во тој правец, Владата на Република Македонија донесе мерка за одобрување на 5,70 ден. за килограм откупено грозје, над 65% од откупената количина грозје во 2009 год., односно дополнително се одредени 4,40 ден. за килограм откупено грозје над вкупната количина откупено грозје од минатата година. Оваа мерка во целост е поддржана од страна на сите винарски визби, прифатена како голема помош на винскиот сектор и како реално излезно решение. Анализирајќи ја донесената мерка, добро упатените агроекономисти ќе забележат дека таа, покрај тоа што делува стимулативно во зголемниот откуп на винското грозје, истовремено е насочена и кон нивелирање на извозната цена на виното, со што, покрај квалитетот кој се нуди, се обезбедува негова ценовна атрактивност и полесен пласман на странските пазари.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, не излегувајќи од законските надлежности како посредник помеѓу перставниците на непосредните производители на грозје и на винарските визби, го организира состанокот на кој се утврдија откупните цени на винското грозје, пред се за најзастапените сорти.

Имајќи ги во предвид усно договорените цени, реалните можности и производните трошоци и проблеми на винарските визби, но и производните трошоци на непосредните производители и нивните очекувања од исходот на дополнителните разговори за конечно утврдување на цените помеѓу претставници на Владата, во присуство и на претставник на лозарите, Владата на Република Македонија се одлучи за одобрување на дополнителни 2,00 ден. за килограм предадено винско грозје во винарските визби, потврдено со кантарна белешка за извршен откуп.

Со оваа мерка Владата на Република Македонија изврши нивелирање на откупната цена на висина на претходно постигната цена, прифатено од самите лозари како оптимално решение.

Во изминатиот десет дневен период од започнување на фактичката општа берба од страна на винарските визби, до денес, е извршен откуп од приближно 70 милиони килограми винско грозје, по дефинираните цени и според утврдениот процент на шеќерни единици и квалитет.

Напоменуваме дека за оваа година, преку Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а врз основа на доставените апликации од страна на регистрираните индивидуални земјоделски производителина грозје се предвидени 600 милиони денари, односно 10 милиони Евра, а за ново подигнатите лозови насади приближно 60 милиони денари, односно 1 милион евра, што значи дека само во лозарството по овој основ ќе се исплатат приближно 11 милиони Евра.

Врз основа на двете мерки кои ги донесе Владата на Република Македонија, поттикнување на откупот на винското грозје кон винарските визби и дополнителните субвенции за лозарите, предвидени се за исплата над 5 милиони евра.

Вкупниот износ на финансискси средства кои ќе се исплата за лозарско-винарскиот сектор за 2010 година изнесува над 16 милиони евра.

Овие показатели сами по себе зборуваат за одговорниот однос на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Македонија и сериозноста која ја имаа за разрешување на актуелниот проблем.Со ова практично се преземени сите мерки како и во земјите во ЕУ.