Ќе се продлабочува соработката на Македонија со кинеската провинција Џиангсу

Дата на објава: 
29 Септември 2010

Во рамките на посетата на Народна Република Кина, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, м-р Перица Иваноски, ја посети и Провинцијата Џиангсу, каде учествуваше во церемонијата на отворањето на 12-от Меѓународен Агро-експо саем.

 

Во рамките на своето обраќање на отворањето на саемот, заменик министерот Иваноски ги истакна одличните политички односи меѓу двете земји и додаде дека тие треба да бидат следени со поинтензивна економска соработка во делот на увозот и извозот на македонски производи на кинескиот пазар, особено виното и преработките од овошје и од зеленчук. Заменик министерот ја истакна и важноста за привлекување на кинеските инвеститори во македонскиот земјоделско-прехранбен сектор.

 

Во рамки на оваа сaемска манифестација, заменик министерот Иваноски се сретна со заменик гувернерот на Владата на Провинцијата Џиангсу, г-ѓа Хуинг и г-дин Џианг Хуезхонг, Директор на Комисијата за земјоделство на Провинцијата Џиангсу. На средбата беше разговарано за можноста за продлабочување на соработката во земјоделството помеѓу Република Македонија и Провинцијата Џиангсу.

 

На средбата беа разгледани и можностите за пласман на македонски земјоделски производи на пазарите на оваа провинција, пред се на виното. На кинеските компании од оваа провинција македонската делегација им ги претстави  можностите за инвестирање во земјоделството во Република Македонија.

 

Во рамките на посетата, заменик министерот Иваноски го посети и павилјонот на Република Македонија на меѓународната престижна манифестација Експо 2010, која оваа година се одржува во Шангај, Н.Р. Кина на тема „Подобар град, подобар живот“.