МИНИСТЕРОТ ДИМОВСКИ ГИ ПОСЕТИ ПРЕСПАНСКИТЕ СЕЛА ПОГОДЕНИ ОД НЕВРЕМЕТО

Дата на објава: 
21 Јуни 2010
Poseta na Resen.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска ги посети преспанските производители на јаболка чии површини во саботата беа погодени од невремето. Според првичните проценки, оштетени се околу 300 хектари јаболкови насади во преспанските села Царев Двор, Горна и Долна Бела Црква, селото Козјак, како и насади со јаболка во селата Дрмени и Сопотско.

 

Министерот Димновски оствари средба со градоначалникот на општина Ресен Михаил Волкановски кој на заедничката средба со претставници на Сојузот на здруженија ,,Обединети агропроизводители,, од Ресен, информира дека се формирани две општински комиии, кои на лице место ќе извршат процека на штетите на површините погодени од невремето.

 

-Управата за хидрометеоролошки работи преку противградниот ценатр Тополчани, во саботата дејствувал со 36 противградобијни ракети, со што е избегнато настанувањето штети на поголеми површини. Проценката на штетите која наскоро ќе ја извршат општинските комисии ќе ја даде точната бројка на површините кои беа погодени од саботното невреме– истакна министерот Димовски.

 

За зачестените реакции на овоштарите дека се сомневаат во квалитетот на препаратите за заштита и прихранување на растенијата, министерот Димовски информира дека деновиве Државниот инспекторат за земјоделство спровел две акции за контрола на препаратите во земјоделските аптеки.

 

- Земените мостри за контрола на процентот на активна материја во препаратите за заштита и прихрана на растенијата се анализираат во овластени лаборатории. Резултатите се очекуваат наскоро, но и покрај тоа останува апелот до земјоделците да купуваат и употребуваат само проверени и декларирани препарати кои ќе ги набават од овластени дистрибутери и регистрирани земјоделски аптеки - посочи министреот Димовски.