Продлабочување на соработката во земјоделството, договорија ресорните министри на Македонија и Албанија

Дата на објава: 
12 Мај 2010
min2.jpg

Интензивирање на соработката, размена на искуства, идеи и стоки, договорија на денешната прва средба министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот албански колега Генц Рули, иницирана од Канцеларијата на Светска банка.

Нашето позитивно искуство ќе го пренесеме на албанската страна, бидејќи македонската соработка со Светска банка од аспект на приближувањето кон ЕУ во делот земјоделство е добар пример што може да се пренесе и во Албанија, изјави министерот Димовски.

Соработката на нашите две земји како соседи и прекуграничната соработка е на некој начин обврска и од аспект на евроинтеграциските процеси. Имаме многу области каде можеме да соработуваме во интерес на двете страни. Ги идентификувавме сите сектори каде што можеме да ја продлабочиме соработката, истакна албанскиот министер за земјоделство, храна и заштита на потрошувачите Генц Рули.Тој оцени дека македонското земјоделство е понапредно од албанското и дека Албанија се соочува со истите болести и проблеми низ кои мина и македонскиот аграр.

Директорот на канцеларијата на Светска банка Маркус Репник на денешната средба истакна дека Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделсвото и руралниот развој со својот висок професионален капацитет успешно ја спроведе целосната ЕУ агенда.

Двајцата министри ја посетија и македонската Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделсвото и руралниот развој  каде се презентираше процесот на добивање на акредитација.