Министерот Димовски во Радовиш

Дата на објава: 
6 Мај 2010

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Радовиш присуствуваше на свеченото пуштањето во употреба на млекарницата „Ѓоргиеви“.

 

Млечната индустрија „Ѓоргиеви“ постои од 2005 година како претходен дел од ЗИК „Радовишко поле“ во стечај. Со 25 тони млеко дневен капацитет, моментно произведува преработки од млеко,сирење и кашкавал, овчи, кравји и мешан.

 

- Изминативе неколку години во објектот инвестиравме 150.000 евра. Целосно го реконструиравме, одвнатре и однадвор, ставивме нов под, вградивме линија за производство на кашкавал и путер.  Сега ги имплементираме потребните меѓународни стандарди за квалитет и безбедност.

 

Очекуваме да бидат спроведени за максимум шест месеци, изјави Драги Ѓоргиев, сопственик на млекарницата.

 

- Токму ова е она што му е потребно на секторот млекарство. Ваквите капацитети ќе бидат спрега меѓу млекопроизводителите и крајните потрошувачи од една страна, а од друга катализатор од евентуално намалување на сточниот фонд или пласманот, изјави Димовски.

Македонија, напомена министерот, треба да се стреми кон задоволување на потребите за млеко со домашно производство.

 

- Имаме недостиг на млеко, а пазарот мора да ги задоволи потребите, од дома или од надвор. Нашата цел е потребите за млеко да ги задоволиме од домашно производство, истакна Димовски.

 

Плановите на млекарницата се до средината на годинава на пазарот да понуди и јогурт и пресно и кисело млеко.