ПРОМОВИРАНА ПРВАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА ЗДРУГА ВО СТРУМИЧКО И СТАРТОТ НА ДОГОВОРНОТО ПРОИЗВОДСТВО

Дата на објава: 
28 Април 2010
Tribina i raboten sostanok 001.jpg

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и  водостопанство Перица Иваноски, вчера, во струмичкото село Куклиш ја промовираше првата земјоделска задруга во струмичкиот регион преку која земјоделците организирано  ќе го пласираат своето производство.Годинава,  истакна заменик министерот, заедно со дел од меѓународните организации кои го поддржуваат овој процес, ќе влеземе во една поагресивна кампања за да ги убедиме земјоделците и да им ги презентираме бенефитите од здружувањето и организирањето на земјоделското производство. Тој информира дека во тек е подготовка на прирачник во кој ќе бидат презентирани мерките на Министерството за поддршка и промоција на кооперативите во Република Македонија, за предностите на задругарството, како и за принципите како треба да се организира и функционираат земјоделските здрауги.

 

-Министерството за земјоделство ќе им помогне на менаџерите на задругите да се обучат  за тоа како да го организираат производството и како да пронаоѓаат пазари за пласман. Преку оваа форма на здружување производителите ќе се грижат за снабдување на нивните членови со семиња, вештачки ѓубрива, заштитни препарати и со други репроматеријали по пристапни цени, кои ќе бидат пониски од оние во земјоделските аптеки – рече заменик министерот Иваноски.

 

Со програмата за финансиска поддршка, Министерството за земјоделство го поддржува формирањето на нови земјоделски задруги и функционирањето на постоечките, бидејќи оценка на ресорното Министерство за земјоделство е дека  задругите се можност за земјоделците за концентрирање на понудата и за обезбедување на посигурен и поорганизиран пласман на земјоделските производи, на домашниот и на странските пазари.

 

Во рамки на посетата на струмичкиот регион, заменик министерот Иваноски, во струмичкото село Босилово, одржа работилница за  запознавање на земјоделските производители со предностите на договорното производство. На работилницата присуствуваа и претставници од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството и претставници на Македонската асоцијација на преработувачи –МАП.

 

Заменик министерот Иваноски на работилницата истакна дека Министерството за земјоделство преку Програмата за финансиска поддршка  и за Рурален развој и годинава, преку мерките за  хоризонтална и  вертикална  интеграција, го поддршува договорното производство кое има за цел поврзување на примарните производители со преработувачите со цел обезбедување на доволно и квалитетна суровина за потребите на преработувачката индустрија.

 

- Сега е време да се подготвиме за влезот во Европската унија зошто таму конкуренцијата е силна. Мора да се подготвиме и за пласман на нашите земјоделски производи и на домашниот, се полиберализиран пазар. Затоа, од година во година, ја зголемуваме  финансиската поддршка за примарното земјоделско производство. За  стимулирање на примарното производство на суровина за преработувачката индустрија, годинава е и мерката со која даваме субвенција од 1,5 денари за килограм предадено производство во преработувачките капацитети – истакна  заменик министерот Иваноски.