Словенечки компании заинтересирани да инвестираат во македонскиот рурален развој

Дата на објава: 
23 Април 2010

Словенечки компании од земјоделско прехранбениот сектор се заинтересирани да инвестираат во македонскиот рурален развој. Ова е новината од вчераодржаните билатерални средби меѓу претсатвници на компаниите од агроиндустрискиот сектор на Република Македонија и Репблика Словенија, во рамки на бизнис форумот кој се одржа во Љубљана, Република Словенија. Форумот беше дел од агендата на македонската бизнис делегација која ја предводеше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Со денешната средба на министерот Димовски со претсатвници од саемот во Горна Радгоња, заврши тридневната посета на македонската бизнис делегација, во чии рамки беа одржани голем број средби на македонски и словенечки компании од земјоделско-прехранбениот сектор.

 

Министерот Димовски вчера се сретна и со неговиот словенечки колега, министерот за земјоделство и храна на Република Словенија Јерк Херик Ѓеркеш со кој констатираа дека на билатерална основа, соработката во областа на ветеринарната медицина и заштитата на растенијата, се одвива во согласност со потпишаните договори.

 

-Соработката меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија е од исклучително значење и е на високо ниво, - рече министерот Димовски.

За нашава држава, додаде тој, од особено значење е и искуството на Република Словенија како земја членка на ЕУ, при обезбедувањето експертска помош од различни сектори во областа на земјоделството и шумарството, особено за искористување на европските предпристапни фондови.

 

-Трговската размена, се остварува согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, односно Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Европската Заедница и нејзините земји членки – изјави министерот Ѓеркеш.

 

Се очекува, додаде министерот Димовски, трговската размена со Република Словенија да се унапреди, особено со зголемување на извозот на македонските земјоделско прехранбени производи на словенечкиот пазар.

 

Македонскиот и словенечкиот министер за земјоделство се договорија да ја унапредат соработката во областа на географското потекло на земјоделските производи и инспекциските служби.

Акцент ќе се стави и на реализацијата на заедничките проекти во областа на руралниот развој и во органското производство.

Соловенечкиот министер Ѓеркеш најави дека соработката во областа на руралниот туризам и органското земјоделско годинава ќе почне со реализација на првите активности во текот на оваа година. Досегашната соработка, додаде тој, се однесуваше на искористување на словенечките искуства во областа на органското земјоделско производство.

 

Во рамки на тридневната посета на Република Словенија, министерот Димовски со претставниците од Агрокомората при Сојузот на стопански комори на Република Македонија, остварија средби и со претставници на Стопанската комора на Словенија, Земјоделско шумарската комора и  Агропрехранбената комора  на Словенија.