Ќе се интензивира соработката во руралниот развој и органското производство меѓу Република Македонија и Република Словенија

Дата на објава: 
22 Април 2010
New Image 1.jpg

Соработката во областа на земјоделството и прехранбената индустрија е значајна во вкупната размена  меѓу Република Словенија и Република Македонија, беше  истакнато на денешниот бизнис форум, по чие завршување во Љубљана, Република Словенија се одржаа и билатерални средби на македонски и словенечки компании. Стопанската комора на Словенија, Земјоделско шумарската комора и  агропрехранбената комора  на Словенија како и Сојузот на стопански комори на Република Македонија,  кои учествуваа на форумот, согласни се дека соработката може да биде уште поголема.

 

Според Зоран Даневски, претседател на Агрокомората при Сојузот на стопански комори, особено корисна би била соработката околу пакувањето и подготовката на македонските  производи  за извоз, не само на словенечкиот, туку и на пазарите на другите европски земји.

 

Министерот Димовски кој што ја предводи бизнис делегацијата, на отворањето на форумот го истакна задоволството од  традиционално добрата соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија и во областа на земјоделството.,,На билатерална основа, соработката се одвива во областа на ветеринарна медицина и заштита на растенијата, согласно со потпишаните договори. Соработката меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија е од исклучително значење и е на високо ниво,, - потенцира министерот Димовски.

 

Според него, за нашава држава, од особено значење е и искуството на Република Словенија како земја членка на ЕУ, при обезбедувањето експертска помош од различни сектори во областа на земјоделството и шумарството, во изготвување на законски проекти, стратешки документи, стручни предавања и обуки во евроинтеграциските процеси.

 

- Во поглавјето земјоделство, значителни активности беа реализирани по потпишувањето на Програмата за соработка помеѓу владите на Република Македонија и Република Словенија во областа на европските прашања. Истата во минатиот период беше активно користена од страна на Министерството за земјоделство во форма на техничка помош од словенечките институции од областа на земјоделството, во процесот за пристапување во Европската Унија, а особено од аспект на програмирање на мерките за рурален развој и размена на искуствата за искористување на пред-пристапната помош од ЕУ за земјоделство и рурален развој – ИПАРД. Со одобрување на неколку твининг проекти дополнително се отвори можност за непосредна соработка на ниво на министерствата за земјоделство во областите кои се утврдени како приоритетни во рамките на ИПА 2009, која ќе започне со реализација во почетокот на 2011 година – истакна министерот Димовски.

 

Трговската размена, беше истакнато на бизнбис форумот, се остварува согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, односно Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Европската Заедница и нејзините земји членки. Словенија е значаен трговски партнер на Република Македонија, а во тој однос и во размената со земјоделско  прехранбени производи. Во Словенија најчесто извезуваме преработки од зеленчук, кондиторски производи, зеленчук, вино,свежо овошје и други производи, а увезуваме живинско месо, преработки од месо, млеко и млечни преработки и друго.

 

- Се очекува трговската размена со Република Словенија повеќе да се унапреди, особено со зголемување на извозот на македонските земјоделско прехранбени производи на словенечкиот пазар, како резултат на воведувањето на високи стандарди за квалитет во сите фази на производниот циклус, со што значително позитивно ќе се влијае на конкурентноста на македонските производи - рече министерот Димовски.

 

Тој денеска оствари средба и со својот словенечки колега Јерк Херик Ѓеркеш со кој разговараше за унапредување на соработката на двете министерства во областа на географското потекло на земјоделските производи, инспекциските служби и за руралниот развој. Акцент  во разговорот беше ставен на реализацијата на заедничките проекти во областа на руралниот развој, како и во органското производство.

 

- Во рамки на соработката во областа на руралниот развој меѓу министерствата за земјоделство на Република Македонија и Република  Словенија, во 2009 година е покрената иницијатива за соработка во областа на руралниот туризам и органското земјоделско производство, а се очекува отпочнување и реализација на првите активности во текот на 2010 година – истакна министерот Димовски.


Досегашната соработка, додаде тој, се однесуваше на искористување на словенечките искуства во областа на органското земјоделско производство во контекст на креирање на нов закон за органско земјоделско производство, усогласен со новите европски регулативи од оваа област.

 

- Од аспект на поддршка на процесот на одлучување, во рамки на ингеренциите на Македонија во ЕУ, во континуитет се обезбедува експертска помош од страна на проф. др. Емил Ерјавец во неколку области од земјоделството. Обезбедена е и експертска помош во областа на маркетингот, стандардизацијата и постбербените активности за некои овошни производи со цел надминување на одредени потешкотии и неправилности во производството, со цел подобро позиционирање на овој важен производ за Република Македонија и зајакнување на неговиот извозен потенцијал, заклучи министерот Димовски.