Министерот Димовски ги запозна валандовските средношколци со ИПАРД Програмата и проекот ,,Учиме за ЕУ,,

DSC01361.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска го посети средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово во рамки на проектот „Учиме за ЕУ“. Тој за учениците од ова   средно училиште одржа презентација за запознавање со принципите на земјите членки на Европската Унија. Тие покажаа голем интерес за оваа тема, особено за користење на ИПАРД средствата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

 

Во својата презентација министерот се задржа на можностите што ги дава ИПАРД Програмата и посочи дека оваа финансиска програма и овозможува  на нашава земја да ги зајакне капацитетите во земјоделството и во руралните средини пред влезот во Европската Унија. Според него, ИПАРД Програмата му дава можност на  македонското земјоделство преку ко-финансирање на инвестициони проекти да се прилагоди на пазарните услови во Унијата.

 

Министерот Димовски денеска ја посети и сточарската фарма и мини млекарницата ,,Вардарец,, од село Удово. Со менаџерскиот тим на фармата тој разговараше за условите за производство и пласман на млекото како и за поволностите кои ги нудат програмите за финансиска подршка во земјоделството, Програмата за рурален развој како и ИПАРД програмата која е наменета за зголемување на конкурентноста и модернизацијата на преработувачките капацитети.

 

Во разговорите со менаџерскиот тим, беше истакнато дека овој капацитет неколку години ги користи средствата од Програмата за рурален развој со што ги модернизира своите капацитети во делот на земјоделското производство и во преработката на млеко. Мини млакерницата е со капацитет за преработка на 4,5 тони млеко  дневно.

 

Според првите луѓе на млекарницата  тие немаат проблем со пласманот на кравјото, овчото и козјото млеко кое го откупуваат, ниту со преработките - сирењето и кашкавалот. Суровината за производство, како што посочија првите луѓе на оваа мини млекарница, ја обезбедуваат од Валандово. Од овој регион тие ја откупуваат целата понудена количина кравјо, овчо и козјо млеко.