Потпишан Договор за спроведување на Проект за поддршка во управувањето со државното земјоделско земјиште

Дата на објава: 
16 Април 2010
FAO 008.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и Фернанда Гуериери од Организацијата за земјоделство и храна на ОН (ФАО) денеска потпишаа Договор за почнување на Проектот за поддршка во управувањето со државното земјоделско земјиште.

 

Станува збор за двегодишен Проект вреден 340.000 американски долари, во чии рамки ќе се изврши преглед и ревизија на политиките и на Законот за управување со земјоделско земјиште во државна сопственост со цел обезбедување поголема транспарентност и подобрување на механизмите за давање на државното земјоделско земјиште под закуп.

 

Проектот ќе придонесе за подобрување на управувањето со земјоделското земјиште, за поефикасно водење на  земјишната политика и за подобро функционирање на пазарот со земјиште.

 

- Управувањето со земјоделското земјиште во државна сопственост е комплексно прашање пред се поради физичкото и организациското расцепкување на имотот, како и поради недостатокот на јасни и недвосмислени цели за управување. Прашањата поврзани со земјиштето се многу значајни и за развој на руралните заедници и за јакнењето на способностите за управување со државното земјоделско земјиште, рече министерот Димовски по потпишувањето на Договорот.

 

Согласно Документот, ФАО ќе обезбеди поддршка во процесот на трансформација на Секторот за земјишна политика во компетентно, професионално тело за ефикасно и квалитетно извршување на утврдените задачи за управување и заштита на јавниот интерес на државното земјоделско земјиште, планирање и спроведување на механизмите за ефикасно управување со земјоделско земјиште.

 

- Заедно со македонската Влада, ФАО го идентификува ефикасното и транспарентно управување со земјиштето како основен предуслов за развој на земјоделството. Затоа овој Проект што ќе ги обезбеди елементите и капацитетите за ефикасна употреба на земјоделското земјиште, е особено соодветен за националната стратегија за рурален развој, напомена Гуериери.

 

Целта е, додаде, земјоделците да станат самовработени управувачи способни да се приспособат на тековните предизвици во земјоделскиот сектор.