Финансирање на промотивни активност за развој на руралниот туризам

Дата на објава: 
18 Март 2010

Здруженија,  фондации со седиште во рурално подрачје и единиците на локалната самоуправа во руралните подрачја самостојно или преку јавно-приватно партнерство, до 12 април  ќе можат да аплицираат  за  четвртата мерка од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2010 година.Оваа мерка се однесува на промотивните активности за развој на руралниот туризам. Барањата за кофинансирање треба да се достават до Агенцијата за финансиска поддршка  на земјоделството и руралниот развој  по пошта или лично. Инаку, сите права од интелектуална сопственост и авторските права со кои се стекнал корисникот на оваа програма се отстапуваат на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Од околу 10 милиони евра од годинашнава програма, за оваа намена одвоени се скоро 115 илјади евра со што ќе се кофинансираат 100 проценти од предвидените трошоци. Станува збор за грант, односно за  неповратна финансиска поддршка. Согласно оваа програма, барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата  пред потпишување на договорот за кофинансирање  со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој .

 

Најголем дел од парите од оваа мерка од Прoграмата, односно околу 65,5 илјади евра, наменети се за  изградба на  пешачки и велосипедски патеки во руралните подрачја. Со овие пари  ќе се покриваат дел од трошоците за услугите за  изработка на проект и техничка документација за градба, за набавка на  градежен и материјал за прекривање на дел од патот. Прифатливи се и трошоците за купување на опрема за осветлување и услуги за вршење на градежни работи  и монтажа на инсталација на опрема.

 

Услов за да се користат овие пари е  должината на патеката која ќе се гради во руралното подрачје да не е  поголема од 1 километар, а широчината да не надминува 3 метри. Максималната поддршка која може да се добие е до 2  милиони денари односно до 3 проценти од вредноста на проектот за  услуги за изработка на проект.

Корисник на овие средства може да биде единицата на локалната самоуправа каде се наоѓа руралното подрачје , или јавно-приватно партнерство каде како носител на јавно-приватното партнерство се јавува единицата на локалната самоуправа.

 

Со околу 33 илјади евра, финансиски ќе се поддржува  изработката на брошури, мапи,  книги со историски факти за локалитети и знаменитости и книги за традиционални обележја и за културно наследство. Основни критериуми за да се биде корисник на оваа мерка е содржината на книгите, на брошурата и на мапите да се однесува за одредено рурално подрачје или за рурални подрачја кои граничат меѓу себе и припаѓаат на една општина. Максимална вреднсот на одоберен износ  за финансирање изнесува  500 илјади денари.

 

Прифатливи трошоци за финансирање се  интелектуални  услуги  или авторски хонорар за изработка, превод, лектура и рецензија, трошоци за печатење на книга, брошура, мапи, но, не повеќе од 700 примероци. Корисници на оваа подмерка можат да бидат здруженија на граѓани или фондациии со седиште во руралното подрачје или во општината каде се наоѓа руралното подрачје. За оваа мерка, средствата се исплаќаат во висина од 100 проценти од прифатливите трошоци за реализација на предвидените активности согласно условите и  рокот предвиден за реализација со договорот за финансиска поддршка  за рурален развој.

 

Од  годинашнава програма за рурален развој, повеќе од 16 илјади евра предвидени се и за  обележување на културни и природни знаменитости во руралните подрачја. Прифатливи трошоци  согласно оваа мерка се оние кои се однесуваат на  услугите за дизајн и изработка на знаци за обележување и нивно поставување. Максимална вредност за одобрен износ за финансирање е  до 250 илјади денари.