Продолжува субвенционирањето на осигурителните полиси и агрохемиски анализи во земјоделството.

Дата на објава: 
9 Март 2010

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и оваа година ќе ги субвенционира осигурувањето на примарното земјоделско производство од основни ризици и вршењето на педолошки и на агрохемиски анализи на почвата. Со  35 милиони денари од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2010 година, државата ќе покрива 60 проценти од вредноста на полисата за осигурување.

 

Согласно Програмата, прифатливи трошоци кои ќе се кофинансираат се оние за осигурување на најмногу 5 хектари лозови и овошни насади, до 2 хектари градинарски култури, најмногу еден хектар насад со тутун и до 10 хектари житни култури.

 

Производителите за оваа мерка ќе можат да аплицираат од 24 март, па се до  31 август.

 

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) и оваа година во соработка со осигурителните компании ќе продолжи со одржување на трибини по населените места за промоција на оваа мерка од Програмата.

 

Со пари од Програмата, годинава ќе се покриваат и  70 проценти од трошоците за извршена агрохемиска и педолошка анализа на почвата, но, не повеќе од 9 илјади денари по барател. Инаку, анализите на почвата годинава се услов  за остварување на правото на субвенција за поддигање на нови  лозови и овошни насади. АПРЗ за земјоделските производители  наскоро, освен во Штип, лаборатории за вршење на агрохемиски и педолошки анализи на почвата ќе отвори и во АПРЗ во Битола, во Струмица и во Скопје.

 

Рокот за аплицирање за  оваа мерка како и за осигурување на производството почнува на 24 март, а ќе трае заклучно со 31 август.

 

Право да аплицираат за субвенции за осигурување на производството и за извршена агрохемиска и педолашка анализа на почва  имаат земјоделските стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Субвенции за овие мерки, за 2010 година, нема да добијат оние производители кои на денот на поднесување на барање за субвеција имаат долгови кон државата по основ на закупнина на државно земјоделско земјиште, за механизација од Јапонската помош. Овие податоци Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од Министерството за земјоделство, шумарствоп и водостопанство ќе ги обезбеди по службена должност.

 

Барањата за субвенции, носителот на земјоделаското стопшанство треба да поднесе до Агенцијата за финансиска поддршка преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.